„Македоника литера“ деновиве ја објави патописната книга „Никогаш на врвот“ на современиот италијански писател Паоло Коњети, во превод од италијански на македонски јазик на Анета Симовска.
Ова прозно дело на Коњети е инспирирано од вистинско патување, тоа е дневник за патешествијата до најголемите земјени височини. На Хималаите. Тоа е раскажување што е топло и детално опишано, но и илустрирано од самиот автор, за тоа како планинарот ги балансира волјата, напорот и болката предизвикани од планината, како се зборува со тибетско куче, како пејзажот станува драма за телото и за духот. „Никогаш на врвот“ ѝ припаѓа на одличната патописна литература, напишана за патувањето во далечниот Хималајски Регион на Непал – приказна за тоа како еден човек постигнува поголемо самосознание на 4.000 метри додека го прави секој следен чекор.
Паоло Коњети (Милано, 1978) дебитирал со збирката раскази „Прирачник за успешни девојки“ по што следи „Една мала работа што ќе експлодира“ за која ги добил наградите „Сетембрини“ и „Кјара“. Ги напишал и „Њујорк е прозорец без завеси“ и „Дивото момче“, преведена во тринаесет земји. Потоа ги објавил „Пливачот“, „Сите мои молитви гледаат кон запад“, „На лов во најдлабоките мочуришта“, „Софија се облекува секогаш во црно“, селектирана за наградата „Стрега“ и преведена во многу земји. Неговиот роман „Осум планини“ (ноември 2016) стана интернационален бестселер. Преведен е на триесет и девет јазици, меѓу кои и на македонски јазик (издание на „Македоника литера“), добитник е на неколку награди, меѓу кои и наградата „Стрега“ во 2017 година.