Српскиот поет Владан Кречковиќ, добитникот на „Мостови на Струга“ за 2021 година, наградата за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години), што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO, ќе ја добие на „Мостови“, една од централните манифестации на годинашното издание на фестивалот, кој треба да се одржи од 25 до 30 август. Неговата наградена дебитантска збирка „Париз, Тексас“ е во издание на „Енклава“, а истата таа е избрана на конкурсот што беше отворен до 1 март. На него пристигнале 46 стихозбирки, од кои 36 ги задоволувале формалните критериуми, што, според „Струшките вечери на поезијата“, укажува на зголемен интерес за оваа престижна награда. Во најтесен избор на кандидатите биле и поетите: Џерардо Масучо од Италија и Тариро Ндоро од Зимбабве/Велика Британија.
Владан Кречковиќ (1988) дипломирал новинарство и комуникологија на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет. Неговата поезија е објавувана во книжевните списанија: „Градина“, „Чекори, „Факел“ и на веб-порталите: „Астронаут“, „Страници“ и „Афирматор“. „Париз, Тексас“ е негова прва поетска книга. Покрај поезија, тој пишува проза, а неговиот краток расказ „Исчезнатите“ беше дел од 41-то издание на „Ракописи“ – зборник на проза и поезија од млади автори од земјите на поранешна Југославија.

– Веќе од самиот наслов на првата збирка песни на Владан Кречковиќ, „Париз, Тексас“, е назначено на кој начин би требало да се читаат песните во неа. Алудирајќи, пред сѐ, на култниот филмски класик на Вим Вендерс, но и на филмот „Чанкинг експрес“ на ништо помалку култниот Вонг Кар-Ваи, што говорат за тоа колку животот може да биде безволен и без смисла по прекинот на емотивните врски, Владан Кречковиќ на мошне суптилен и непретенциозен начин ја раскажува приказната за разделбите обидувајќи се преку патувањата, гледањето на семејните фотографии, наоѓањето соговорник во странецот што оставил коментар на Јутјуб, преку непрестајното сеќавање и преиспитување, да најде потпорна точка од која неговиот живот може да продолжи со вообичаениот тек. Оваа книга нуди поинаква перспектива на романтичната загуба без грам патетика и претставува исчекор во просторот на новата чувствителност – стои во одлуката за наградата „Мостови на Струга“.