Лимитирана серија базирана на критички признаениот јужнокорејски филм „Паразит“ е во подготовка за ХБО, потврдува веб-сајтот „Вариети“. Режисерот на филмот, Бонг Џу Хо и сценаристот на „Биг шорт“ и на „Потпретседателот“, Адам Мекеј, веќе разговараат со извршната продукција на серијата. Сè уште не е потврдено дали серијата ќе биде директен римејк на филмот на англиски јазик или, пак, некаков вид спиноф.

„Паразит“, кој неодамна го освои „златниот глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и се смета за потенцијален предводник за најдобар филм на „оскарите“, ја раскажува приказната за сиромашното семејство Ким, кое, еден по еден, се инфилтрира во домашниот живот на богатото семејство Парк. И тука, како и во повеќето филмови на Бонг Џун Хо, нештата се испревртуваат фрлајќи ги во вода совршените планови на семејството Ким.

Филмот се занимава со прашања за алчноста и класната дискриминација, а улогите ги толкуваат Сонг Канг Хо, Ли Сун Кјун, Чо Јо Џонг, Чои Ву Шик, Парк Со Дам, Ли Џунг Еун и Чанг Хјае Џин. Автори на сценариото се режисерот и Хан Џин Вон.

На серијата што се подготвува за ХБО ќе работат „Кејт стрит пикчр компани“, „Си Џеј ентертејмент“ и „Мкејс хајперобџект индустрис“. „Паразит“ е седмиот долгометражен филм од Бонг Џун Хо. Џун Хо е познат и по своите успешни „Кучињата што лаат никогаш не гризат“ (2000), „Сеќавања на едно убиство“ (2003), „Домаќин“ (2006), „Мајка“ (2009), „Сноупирсер“ (2013) и „Окџа“ (2017). Се верува дека потенцијалната серија ќе го прошири опсегот на серии на Мекеј, заедно со неодамнешното освојување на „златен глобус“ за серијата „Сукцесија“, а Мекеј исто така потпиша петгодишен договор со ХБО и постави лимитирана серија за Џефри Епсин минатата година.