Архитектурата по коронавирусот

Од антибактериски месинг-рачки за врати до широки, добро вентилирани булевари, нашите градови и згради отсекогаш биле обликувани од болести. Така, колерата влијаеше на модерната улична мрежа, бидејќи епидемиите од 19 век поттикнаа воведување канализациски системи што бараа патиштата над нив да бидат пошироки и заедно со новите закони за зонирање помагаа да се спречи пренатрупаноста.
Третата пандемија на чума, која започна во Кина во 1855 година, го смени дизајнот на сè, од дренажните цевки до праговите на вратите и градежните темели, во глобалната војна против стаорците. И чистата естетика на модернизмот беше делумно резултат на туберкулозата, кога санаториумите инспирираа ера на простории со бела боја и бањи со хигиенски плочки. Формата отсекогаш следела страв од инфекција, исто колку и функцијата.

Бидејќи секој од нас сега живее во физички дистанцирана самоизолација, со затворени продавници, напуштени канцеларии и урбаните центри се претворени во градови духови, се наметнува прашањето: какво трајно влијание ќе има коронавирусот врз нашите градови? Треба ли домовите да се приспособат за подобро работење од дома? Дали ќе се прошират тротоарите за да можеме да ја задржиме оддалеченоста? Дали повеќе нема да сакаме да живееме толку густо сместени заедно, да работиме во канцеларии со отворен план и да се качуваме со лифтови?
Една агенција за дизајн веќе го насочи целиот свој фокус кон размислување за тоа како би изгледал постковидскиот пејзаж. Основан во 1943 година, „Одделот за истражување за дизајн“ бележи голема историја. Оваа агенција го обликуваше изгледот на голем дел од повоена Велика Британија, вклучувајќи ги „Куполата на откритието“, уличните знаци на Лондон и логото на британската железница.

Сега ги прнасочи своите креативни енергии кон замислување на начините на кои зградите би можеле да помогнат да се ограничи ширењето на идните епидемии, опфаќајќи сè од распоредот на ентериери и јавните простори, па до површинските премази.
– Како размислуваме за работното место ќе биде најголемата промена. Видовме огромен пораст во интересот за простории за соработка. Но по ова, дали компаниите навистина ќе сакаат да го стават целиот тим на едно место, каде што тесно се мешаат со други бизниси? – вели Дарен Комбер, главен извршен директор на компанијата „Скот Браунриг“, која се спои со ДРУ во 2004 година.

Физичката близина во процесот на соработка повеќе не изгледа толку примамливо.
– Не предлагам сите да се вратиме на работа во мобилните кабини од 1950-тите, но мислам дека густината во канцелариите ќе се промени. Ќе видиме промени во распоредот на канцелариите со отворен план, како и подобра вентилација и поотворени прозорци – вели Комбер.
Истиот став го дели и Арџун Кајкер, кој цела една деценија го водеше тимот на „Фостер и партнерите“, влијаејќи на новите гаргантуански центри на „Епл“ и „Блумберг“.


– Мислам дека ќе видиме пошироки ходници и влезови, повеќе поделби меѓу одделенијата и многу повеќе скалила. Сè досега водеше кон рушење на бариерите меѓу екипите, но не верувам дека просторите ќе се мешаат едни со други повеќе – вели Кајкер, кој сега раководи со аналитиката и увидот во „Заха Хадид архитектс“.
Тој исто така верува и дека може да се воведе закон за предвидување минимална површина по лице во канцелариите, како и намалување на максималното зафаќање на лифтовите за да се минимизира пренатрупаноста.

Тимот на Кајкер веќе работи на футуристички канцеларии за кои се смета дека ги следат посткоронавирусните принципи. Новото седиште за компанијата „Бее’ах“ за управување со отпад во Шарџа, Обединетите Арапски Емирати, дизајнирано од ЗХА се базира на „бесконтактни патеки“, што значи дека вработените ретко ќе мора да ја допрат површината со рацете додека се движат низ зградата. Лифтовите ќе можат да се повикаат преку паметен телефон, избегнувајќи ја потребата да притиснете копче и надвор и внатре, додека канцелариските врати ќе се отворат автоматски со помош на сензори за движење и препознавање на лицето.

– Настојувавме да го елиминираме директниот контакт со комуналните услуги, од улицата до работната станица – вели Кајкер, додавајќи дека ролетните, осветлувањето, вентилацијата, па дури и нарачката на кафе ќе бидат контролирани преку мобилен уред.
Со 80 отсто од заразните заболувања што се пренесуваат преку допирање загадени површини, оваа бесконтактна иднина звучи особено привлечно.
Бидејќи пандемијата го претвори физичкиот контакт во крајно зло, некои ја обвинуваат густината на градовите за брзо ширење на болеста, залагајќи се за предградијата како најбезбедно место за живеење.
– Постои ниво на густина во Њујорк што е деструктивна. Њујорк мора да развие непосреден план за намалување на густината – објави на својот твитер-профил Ендру Кумо, гувернер на Њујорк, на крајот на март.

Многу теории за јавно здравство од 19 век можеби биле погрешно водени, но сепак имале корисни резултати. Уште од времето на Античка Грција, се сметало дека болеста произлегува од земјата и се шири низ штетни пареи или мијазми, кои доаѓаат од почвата
– Теоријата за мијазма имаше огромно влијание врз градовите, особено градежните материјали. Лудилото за поплочување на улиците со камења во голема мера беше водено од санитарната логика и желба да се запечатат отровните гасови во земјата – вели Христос Линтерис, медицински антрополог на универзитетот „Свети Ендрус“ и коавтор на книгата „Чумата и градот“. Сепак, Линтерис е скептичен во однос на тоа колку коронавирусот всушност ќе промени нешто.

– Епидемиите и пандемиите имаат своја привременост – вели тој, укажувајќи на појава на појава на САРС во 2003 година, кога беше откриено дека еден станбен блок во Хонгконг стана место на суперширење поради начинот на кој загадените капки од канализациските цевки можат да навлезат во бањата на луѓето преку исушени У-свијоци во дренажите. Потоа, не се случи ремонт или масовна инспекција на системите за водовод и вентилација за да се запре потенцијално повторување. Еднократната пандемија обично нема никакво влијание. Мора да се повторува за да почнеме да внимаваме – вели Линтерис.
Некои ја користат тековната криза за да направат чекор назад и да ги преиспитаат фундаменталните претпоставки за структурирање на градовите.

– Ова е најдобро време кога треба да се мисли на прооден град. Може ли коронавирусот да биде катализатор за децентрализацијата? Ги имаме овие огромни болници и луѓе што живеат едни над други, но сепак мора да патуваме на големи растојанија низ градот за да стигнеме до нив. Пандемијата укажува на тоа дека треба да дистрибуираме помали единици, како што се болници и училишта низ поголем дел од градското ткиво и да ги зајакнеме локалните центри – вели Воутер Ванстифоут, професор по дизајнот како политика на технолошкиот универзитет „Делфт“ во Холандија.
Коронавирусот ги изложи ефектите од туризмот и миграцијата врз градовите низ светот на различни начини. Во Њу Делхи, со указот да останат дома, илјадници работници мигранти се вратија стотици километри назад кон нивните рурални села, со откажана работа, оставајќи ги без можност да платат кирија.

– Мислам дека засилувањето на „глобалните градови“ ќе преживее удари. Целата работа може да се смета како предупредување против миграцијата, но за мене е спротивно. Тоа е предупредување против туризмот и нееднаквоста што предизвикува привремена миграција на трудот; предупредување против фриленсерската економија и уништување на јавните услуги. Има нешто што се разјаснува со пандемијата: можете да ја видите апсолутната потреба од јавна здравствена услуга и правилен систем на социјална помош. Создава многу јасна слика за тоа што е добро – вели Ванстифоут.