Од 1993 година во павилјонот е сместен Домот на Хрватското друштво
на ликовни уметници

„Мештровиќевиот знак во Загреб – архитектура: 80 години од павилјонот на Мештровиќ“ е насловот на изложбата отворена во главниот град на Хрватска, во ателјето „Мештровиќ“, на славниот скулптор и архитект Иван Мештровиќ, кој и самиот е автор на павилјонот, актуелниот Дом на хрватските уметници. Авторката на изложбената концепција и кустоска на изложбата Барбара Вујановиќ ја осмислила изложбата како продолжение на истражувањата што ги започнала работејќи на книгата „Мештровиќевиот знак во Загреб“, а како што пишува „Јутарњи лист“ таа го обработила авторовото загрепско споменично и архитектонско наследство, како и делата на Мештровиќ во музеите и во црквите. На изложбата е прикажан историјатот на објектот низ визуелни инсталации во изведба на уметникот Иван Марушиќ-Клиф.

Прикажани се сите досегашни фази во кои Мештровиќевиот павилјон доживеал различни пренамени и промени: Дом на хрватските ликовни уметници (1938 – 1941), џамија (1941 – 1945), Музеј на народното ослободување/Музеј на револуцијата на народот на Хрватска (1949 – 1991), Дом на Хрватското друштво на ликовни уметници (од 1993 до денес).