Треба многу уметничка храброст човек да се зафати со она со што се зафатил првенецот на нашата уметничка фотографија (или поточно фотопоезија), маестро Љупчо Илиевски: серијал уметнички фотографии за крстови. „Да фотографирам крстови?! Па сите се исти!“, би била реакцијата на обичниот фотоуметник, пишува писателот Венко Андоновски во текстот од каталогот

„Осамени а вечни“ е насловена изложбата на фотографии на Љупчо Илиевски што ќе биде отворена во домот на културата „Иван Мазев Климе“ во Кавадарци, на 2 декември (среда) во 12 часот. Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат.
Текстот од каталогот го потпишува нашиот најистакнат писател Венко Андоновски, а е насловен „Очовечениот крст на Љупчо Илиевски“.
– Треба многу уметничка храброст човек да се зафати со она со што се зафатил првенецот на нашата уметничка фотографија (или поточно фотопоезија), маестро Љупчо Илиевски: серијал уметнички фотографии за крстови. „Да фотографирам крстови?! Па сите се исти!“, би била реакцијата на обичниот фотоуметник. И навистина, крстовите се нормирани во изгледот, религиозно канонизирани, дури и во бојата (нема розов крст). Точно се знае што е крст, а што не е и како треба да изгледа, а како не! Тоа е првата од трите сериозни пречки со кои морал да се соочи Илиевски. И како тогаш да се оствари уметничка слобода, како да се задоволи основниот закон на секоја уметност – индивидуалниот пристап кон темата, кога самата тема е – веќе стилски канонизирана? И тоа на истиот начин на кој се строго канонизирани и лицата на светците за фрескосликарите и иконописците. Не може некој зограф да биде „креативен“ со тоа што ќе му ја смени физиономијата на Исус, или ќе го измени ликот на Богородица додека го оплакува Христа! Така и фотографот: што може да понуди како уметничка иновација при фотографирањето крст? – пишува Андоновски.

Втората пречка, според него, е не само што крстовите се нормирани во изгледот туку нормирано е обично и местото (локацијата) на нивното поставување: на црква, на гробишта или на највисоките ридови чија заднина е небото.
– Тоа значи дека и „сценографијата“ на крстовите е – ограничена, посебно во колоритна смисла. Мора многу човек да се игра со бојата, да биде вистински голем мајстор на светлината, за на секој крст да му вдахне различна душа и различна температура на таа душа – преку светлината, сенката и бојата! Трето: кога крстот се одбира за тема на визуелно претставување, сликарот и фотографот имаат уште едно, не помалку важно ограничување: гледната точка. Крстот е можеби единствениот објект што може да биде сликан само анфас. Крстот нема профил: ако го сликате или фотографирате од профил, станува непрепознатлив. Личи на обична линија и го губи симболизмот. И уште: крстот нема аверс и реверс, нема лице и тил: од двете страни има – лице. Затоа и е еден од најчудесните симболи на светот и има повластено место во општата митологија, не само во христијанството. Сите три нешта се сериозни ограничувања за медиумот фотографија и за уметничката слобода на фотографот – вели Андоновски.
Според писателот, Илиевски е мајстор што гледа слобода дури и таму каде што никој друг не ја гледа и затоа е голем уметник.

– Тој не бега од овие три пречки: големиот уметник и е голем затоа што совладува навидум несовладливи пречки, па невозможното го прави возможно… Она што е фасцинантно е: кај Илиевски крстот, кој е симбол на Спасителот, кажува секогаш исто – крстот е човек. Ако крстот е човек, а Спасителот пострада на крстот, не само што спасителот пострада за човекот туку пострада за да му каже дека и тој е бесмртен. Оваа човеколикост на крстот и оваа бесмртност на човекот се темелните пораки на овие мали ремек-дела. Што да се каже? Пред крстот и Бога човек може само да се прекрсти и помоли, а пред маестро Илиевски само да се поклони и да рече: браво маестро! – пишува Андоновски.

Авторот на фотографиите Љупчо Илиевски со фотографија се занимава од 1980 г., за во еден период да работи како соработник во „Танјуг“, а од 1987 г. е вработен во МТВ, каде што во моментов работи како камерман снимател. За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината, и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се на изглед неважни теми, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со темата „Теракотни икони и Кокино“. Засега е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „Нешнал џиографик“.