Францускиот композитор Клод Дебиси отпловил во вечноста точно пред 100 години, на 25 март 1918 година. Во својот краток, но уметнички богат и турбулентен живот успеал на човештвото да му подари море од прекрасна музика, раскошен колорит на звучни бои, нови, свежи форми и хармонии.

Роден е во 1862 година во скромно семејство, кое немало допирни точки со музиката, но неговата тетка го запишала на часови по пијано кај една поранешна ученичка на Шопен. Неговиот врвен талент бргу ги надминал можностите на неговата професорка и таа го упатила на Парискиот конзерваториум, каде што на десетгодишна возраст почнал да студира пијано, а подоцна композиција. Дебиси бил исклучително талентиран, но пркосен и неодговорен кон задачите што му ги наметнувал конзерваториумот. Во својата постојана потрага по нов музички јазик ги прекршувал сите академски правила на компонирање.

Бил опседнат со Вагнер и вљубен во љубовта, бил во состојба да направи се за овие негови страсти. Поради љубовта кон една жена се откажал од Големата римска награда што ја освоил 1884 година. Поради маѓепсаноста со Вагнер талкал во музичкиот израз, пробувал да напише опера во стил целосно туѓ на неговата душа, ја кочел инспирацијата, ја задушувал сопствената музика. И така се до една ноќ, во која една прекрасна, кристално чиста мелодија се појавила во неговиот ум. Тоа била основата за „Отсјајот на месечината“ (првпат објавена дури 30 години подоцна), едно од неговите најпрепознатливи и најуспешни дела, темелот на музичкиот импресионизам. И кога еднаш музиката на Дебиси почнала да тече во своето природно корито, во налети следувале неговите ремек-дела: 12 прелудиуми и 12 етиди за пијано, оркестарските ноктурна, „Море“, „Девојката со ленена коса“, „Потопената катедрала“, оркестарскиот прелудиум „Попладнето на еден фаун“ (според поемата на Стефан Маларме, еден од Дебисиевите идоли), операта „Пелеас и Мелисанда“ инспирирана од стиховите на Пол Верлен, „Детското ќоше“, „Сиринкс“ и многу, многу други…

Последните години Дебиси ги поминал како да живеел два паралелни живота – едниот полн со музика, другиот полн со неизлечива болест, болка, немоќ и исчекување на смртта.

Лада Шоптрајанова Петровска