„Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“

Во време на големи турбуленции предизвикани со појавата на коронавирусот и депресивно-демотивирачките и ригорозни мерки за спречување на неговото ширење кои се преземаат во нашето општество, организаторите на Меѓународната културно поетска манифестација „Антево перо“ со максимално позитивна енергија настојуваат да го надградат имиџот на манифестацијата. Последен во низата реализирани проекти е отпечатениот Зборник на научни трудови „Антевото дело – непресушен изворник на мислата и на речта“.

Зборникот на едно место донесува нови и досега главно непознати за јавноста научни согледувања за ликот и делото на Анте Поповски, пред се од аспект на неговото литературно творештво, поезијата, есеистиката,но и од гледна точка на пошироката Антева дејност (новинарска, општествено-политичка, итн). Овој труд воедно нуди нови научно фундирани сознајби за Анте Поповски и како културен придвижник, мисионер, културолог, но и филозоф на уметностите.

Со свои излагања во Зборникот се застапени проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, Панде Колемишевски, проф. д-р Христо Петрески и м-р Ана Петреска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Митко Гогов. Се разгледува можноста да бидат организирани неколку промоции на Зборникот за пошироката јавност, а нема да изостане и поставувањето, односно претставувањето на овој драгоцен документ во електронска форма на социјалната мрежа Фејсбук, на профилот на манифестацијата „Антево перо“.

Со публикувњето на Збоникот кој деновиве излезе од печат, практично е означен стартот на Манифестацијата „Антево перо“ за 2020 година, вели уредникот на изданието, Жорж Поповски, кој смета дека не можеше да се случи подобра промоција на програмата на овогодинештото „Антево перо“.

– Одобрувајќи понижувачки финансиски трошки недоволни ниту за публикување на некаков си „маалски“ подлисток, а не пак за реализација на цела една манифестација со предзнак меѓународна, каква што е „Антево перо“, Комисијата за издавачка дејност, годинава всушност ни направи одлична услуга. Од оваа перспектива погледнато, ќе бидам комотен да заклучам дека благодарение на нејзината одлука бевме принудени да станеме уште пожилави, поодлучни и помотивирани да совладаме и дополнителен предизвик за да го зачуваме реномето и имиџот на Манифестацијата. Да не заборавиме – „Антево перо“ за само две години си обезбеди место на културната мапа на државата, како широко препознаена манифестација, а што е уште позначајно, и како манифестација која целосно го оправдува своето економско постоење и секој доделен денар. Наспроти овие факти дали за да ја „осакати“, целосно да ја урниса, или пак само затоа што не е дорасната да прави разлика што е квалитет, а што импровизација, Комисијата за издавачка дејност неправедно и во стилот на лоша маштеа направи финансиски рез со голем интензитет во однос на „Антево перо“! Па сепак треба да е јасно – „Антево перо“ со прецизно дефинирана мисија и визија постои, ќе постои и допрва ќе ги става на увид резултатите заради кои и ја покренавме! А постои за да го освојува културниот простор и симпатиите со квалитет, но и за да го крене гласот против тенденциите кои стимулираат, импровизации и сомнителни проекти кои бодат очи, предупредуваат, разочаруваат, влеваат недоверба… – вели уредникот на Зборникот и еден од организаторите на Манифестацијата, Жорж Поповски.

За неколку дена ќе биде распишан и традиционалниот Конкурс за доделување на наградата „Антево перо“ востановена во чест на творештвото на Анте Поповски, која се доделува за необјавен поетски ракопис на македонски јазик. Без оглед на прескромниот и лимитиран буџет и за годинава организаторите на Манифестацијата најавуваат неколку содржини кои по својот карактер и начинот на кој ќе бидат организирани, ќе бидат уникатни и досега незабележни на овие простори.