Италијанската организација „Унапредување на жените уметници“ успеа да фрли светлина врз заборавениот дел од светот на уметноста на жените, идентификувајќи околу 2.000 дела на жени уметници што собирале прашина на таваните во јавните музеи во Италија и во подрумите на црковни простории

Фиренца е едно од главните свратилишта во Европа за љубителите на уметноста. Во музејот „Уфици“, посетителите може да се изнагледаат дела од ренесансните мајстори Леонардо да Винчи, Микеланџело и Рафаел. Се разбира, ниеден од овие уметници не е жена, па во 2009 година нова непрофитна фондација во Фиренца почна да истражува зошто е тоа така.
– Почнав да одам во музејските магацини и тавани и да проверувам што всушност има таму направено од жени. Тоа беше нешто што никогаш порано не било сторено, бидејќи никој претходно не си го поставил прашањето каде се жените – вели Линда Фалконе, директорка на организацијата „Унапредување на жените уметници“ (АВА).
Изминативе години нејзината организација успеа да фрли светлина врз заборавениот дел од светот на уметноста, идентификувајќи околу 2.000 дела на жени уметници што собирале прашина на таваните во јавните музеи во Италија и во подрумите на црковните простории. Исто така, таа финансира реставрација на 70 дела од периодот од 16 до 20 век. Организацијата е основана од Џејн Фортун, американска филантропка, која почина во 2018 година. Фортун беше бестрашна детективка, која Фиренца ја нарече Индијана Џејн.

Со векови во Италија, лулката на ренесансните мајстори, жените со уметнички талент не смееле да се запишуваат на уметничките академии. И имињата на неколкуте жени уметници од минатите векови главно исчезнале во заборавот. За време на ренесансата, на жените не им било дозволено уметноста да им биде професија, да издаваат фактури, да студираат анатомија, да одат на предавања… Но сепак опстојувале. Неколку Италијанки добиле можност да учат повеќе за сликарството во студијата на своите татковци. Меѓу нив е Артемисија Џентилески, ќерка на сликарот Орацио Џентилески од 17 век.
Организацијата АВА е одговорна за обновувањето на делото „Давид и Батшеба“, една од нејзините слики пронајдена на таванот на една палата во Фиренца. Организацијата, исто така, откри платно со должина од 21 метар, на кое се прикажани 13 мажи во природна големина. Тоа е единствената позната „Тајна вечера“ насликана од жена. Нејзин автор е доминиканската монахиња од 16 век Плаутила Нели, чија работилница се наоѓала во манастир во Фиренца.
– Фиренца има долга традиција на сликање на „Тајната вечера“. Но повеќето дела се статични. Во „Тајната вечера“ на Плаутила Нели, апостолите имаат емоции. И, за разлика од повеќето прикази на „Тајната вечер“ направени од мажи уметници, Нели на трпезата прикажува храна, зелена салата, сад со сол, многу вино, леб за секој апостол, ножеви и виљушки, грав и јагнешко месо. Со тоа истакнува дека на „Тајната вечера“ треба пред сѐ да се јаде. Нели го потпишала своето платно со зборовите „Моли се за сликарката“ – објаснува Фалконе.

Делата на монахињата биле ценети од фирентинците во текот на 16 век, бидејќи се верувало дека се исполнети со духовност. Реставраторката Елизабет Викс, Американка што живее во Фиренца, вели дека, како и многу жени уметници, Нели потоа била заборавена.
– Ми се чини дека на средината на 19 век овие слики престануваат да се споменуваат. И ако никој не пишува за вас, тогаш вие бледнеете во историјата – вели Викс.
Со поддршка од фондацијата „Унапредување на жените уметници“, Викс во моментов реставрира две големи дела од Виоланте Ферони, која ја нарекуваат чудо од дете на 18 век, а за која денес малку се знае. Родена во 1720 година, Ферони живеела во период на големи социолошки промени во Фиренца, смета писателката Ен Голоб, која завршила истражувачка работа за АВА.
– Во тоа време жените уметници обично биле ограничени на сликање мртва природа и мали портрети. Но кога имала дваесетина години, болницата во Сан Џовани ди Дио во Фиренца нарачала од Ферони да наслика две платна со духовни сцени за помош во лекувањето на болните – вели Ен.
За Викс, реставрирањето на овие слики за време на пандемијата има особено значење.

– Самото тоа што имав можност да работам на овој проект дејствуваше заздравувачки за мене. Мислам, ја лекував уметноста, но се лекував и себеси во одредена смисла – вели Викс.
Според Фалконе, уметноста на лекување е постојана тема на мисијата на АВА.
– Уметноста е живо суштество и уметничкото дело има свој живот. Знаете, тоа може да биде повредено, оштетено, потребно му е обновување – вели Фалконе, која додава дека преку реставраторски работи, документација и изложби, AВA придонела за зголемен интерес и свесност за уметноста на жените. Сепак, организацијата неодамна објави дека се затвора бидејќи нема доволно средства за проширување.
Фалконе вели дека организацијата го постигнала она што го замислила.
– „Унапредувањето на жените уметници“ ја исполни својата мисија, затоа што љубителите на уметноста сега почнуваат да бараат одговори на прашањето каде се жените – вели Фалконе.