Турските истражувачи откриле единаесет нови ридови во близината на праисторискиот локалитет Гобекли Тепе, кој ја носи титулата прв храм во светот, во југоисточната провинција Шанлурфа.
– Откривме уште 11 големи ридови на линија од 100 километри околу Гобекли Tепе – рече министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој.
Тој додаде дека областа сега ќе се вика 12 Тепе што значи 12 рида.
Обраќајќи им се на новинарите, Ерсој рече дека „големото истражување“ за ридовите ќе биде завршено и презентирано во септември.
Тој исто така рече дека областа може да се нарече „пирамидите на југоисточна Турција“.
– Кога ќе погледнете во Месопотамија, овој регион има единствена култура. Има своја регистрирана гастрономија. Има многу производи. И кога тоа ќе го комбинирате со единствена археолошка вредност, тоа е прекрасна работа – додаде тој.
Гобекли Tепе се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО од 2011 година, а беше откриен во 1963 година кога на ова место работеа истражувачи од универзитетите во Истанбул и во Чикаго.
Во заедничката работа што се одвиваше на ова место од 1995 година, германскиот археолошки институт и музејот „Шанлурфа“ пронајдоа столбови во форма на буквата Т од неолитот, високи од три до шест метри и тешки од 40 до 60 тони.
За време на ископувањата, откриени беа разни артефакти стари 12.000 години, меѓу кои човечки статуи високи 65 сантиметри.