Археолошки истражувања на локалитетот Маркови Кули 

Овој месец Институтот за старословенска култура – Прилеп го реализира проектот „Археолошки истражувања на локалитетот Маркови Кули – Градок, с. Манастир – Мариово“, а истражувањата беа концентрирани во западниот сетмент од комплексот, при што се откриени делови од репрезентативни градби поврзани со акрополот на античката населба и врз нивните остатоци изградените западни конаци на средновековниот манастир.
– Од особено значење при годинашните истражувања се добиените културно-хронолошки податоци за првичното конституирање на објектите од овој дел на акрополот во раната антика, организацијата на средновековните конзаци во овој сегмент од средновековниот манастирски комплекс, како и сознанијата за непосредните врски на овој сегмент од регион Мариово со регионот на Солун, потврдени со наоди од луксузна глазирана керамика поврзана со реномираните грнчарските работилници на Солун во времето од последните децении на 12 век до раниот 14 век.

Со овие податоци во голема мера се заокружија сознанијата за планиметријата на античката населба и просторната организација на средновековниот манастир, лоцирани непосредно над еден од јазолните комуникациски пунктови во овој дел од регионот Мариово – вели Бранислав Ристески, директор на институтот.
Во рамките на годинашните истражувања на локалитетот Градок дополнително ќе биде направено тридимензионално моделирање на акрополниот дел од населбата, простор на кој се концентрирани најголем дел од досега истражените градби, како и градби што останале зачувани на површината од населбата. Дополнително, за проверка и потенцијално коригирање на планот од населбата, ќе биде направено топографско снимање на видливиот дел од фортификацијата. Преку комбинирање на два метода, едниот за топографско, а другиот за визуелно снимање ќе се продуцира досега најпрецизен план на ниво на градбите, но и на ниво на целиот истражен локалитет. Со спојувањето на резултатите и од двете снимања ќе се продуцира досега најпрецизен тродимензионален модел за акрополниот дел од населбата.

– Целта е просторните односи во виртуелната средина да се конзистентни со реалноста. Со добиените податоци што ќе бидат геореференцирани според македонскиот координантен систем ќе се постави сигурна основа за прецизно лоцирање и просторно мапирање на сите следни истражувања. Врз тридимензионалниот модел ќе може да се вршат прецизни мерења од аспект на растојанија, површини, падови на терен и слично – истакнува Ристески.
Проектот „Археолошки истражувања на локалитетот Маркови Кули – Градок, с. Манастир – Мариово“ е продолжение на сеопфатните археолошки истражувања на овој локалитет во рамките на проектот „Културно-ликовното минато на Мариово“, кој го третираше развитокот на културата на регионот Мариово.