Мојот син, пак, кој порасна со константите на виртуелното постоење, ми постави прашање зошто улицата на која живее се вика Никола Тесла, а е најтемна во градот и зошто таблата со името на градителот на светлината е залепена врз распадната куќа во која живее темницата? Во неговите очи ги гледав сопствените прашања за динамиката, сомнежите и стравовите кон светот. Токму стравот од болеста ги врати луѓето во нивните градови на раѓањето, со мисла дека тука се побезбедни, но само се поблиску до гробот во кој сакаат да бидат закопани

Градот е нем кога заминувам од него. Ја нема веќе мајка ми да фрли чаша вода по моите стапки кога го напуштам домот, за да ми течат патувањата лесно и чисто како неоткриена река. Не ѝ кажав дека во атласите ги барав само реките понорници преку кои го осознавав релјефот на подземниот свет, кој никој не сакаше да го означи на мапите, а постоеше само во митовите или соновите како казна за оние што нема да го достигнат врвот на нормираните земни идеологии. По дваесетина години постојано отсуство, се вратив во родната Струмица, нем пред сопствениот страв од постојаност. Истите дрвја, други споменици, нови локални политички херои, кои раскажуваа за истата иднина што никогаш нема да се случи. Честопати минувам покрај каналот што беше аортата на градот што низ себе ги носи камењата, тајните од најблиските ридови, секогаш кога силно ќе заврне. Стравот од поплави ги чуваше улиците да останат широки без збиени згради, како што стравот од пандемијата е чувар на плоштадот од политички кампањи и митинзи. Се враќав во детството каде што експанзијата на времето не е трошење на животот, туку чиста потрага по него. Ако имав песочен часовник во рацете, ќе зборував за течението на песокот, не за времето.

Честопати ја сонувам мојата мртва мајка како со ќесиња полни овошје се враќа од пазарот, а јас трчам кон полињата со кајсии. Татко ми пред некој ден со нејзината стара четка за заби ги чистеше рамката околу нејзината слика на гробниот камен и буквите од сопственото име, кои однапред ги изгравира веднаш до нејзиното име. Социјализмот го научи да планира сè, па дури и сопствената смрт. Мојот син, пак, кој порасна со константите на виртуелното постоење, ми постави прашање зошто улицата на која живее се вика Никола Тесла, а е најтемна во градот и зошто таблата со името на градителот на светлината е залепена врз распадната куќа во која живее темницата? Во неговите очи ги гледав сопствените прашања за динамиката, сомнежите и стравовите кон светот.

Токму стравот од болеста ги врати луѓето во нивните градови на раѓањето, со мисла дека се тука побезбедни, но само се поблиску до гробот во кој сакаат да бидат закопани. Закопани тука, со главата насочена кон Ерусалим, кон Исток, иако цел живот со погледот се свртени кон Запад. Се приближуваат државните парламентарни избори и ќе се зборува пак за тоа на која страна на светот припаѓа Западниот Балкан, надвор од географските координати. Но овој пат пандемијата ќе ги исчисти плоштадите од лаги.

Кога минувам сега покрај празниот канал обраснат со треви, на небото над него ми се пресликуваат сите летала што ги кревавме оттука како деца, без страв дека ќе завршат засекогаш закачени на ТВ-антените, кои како ребра на распнат неверник се издигаа од секој црвен покрив. Пишувањето е само обид за доближување на нештата што ни се оддалечиле од видот и мислата, на начин на кој мислиме дека цврстото и болно стегање на парчето коноп в рака ќе ни го врати откинатото летало, откинатото парче бесмртност.

Никола Маџиров

Напишано за LCB diplomatique