Страхил Петровски, уметник

Визуелниот уметник Страхил Петровски, во Куманово, пред своите сограѓани, се претставува со сегменти од изложбата „Еха од иднината“, која беше отворена во Скопје

Вашата самостојна изложба „Еха од иднината“, која во „Мала станица“ во Скопје до пред една недела го привлекуваше заслуженото внимание од публиката и од медиумите, покажа дека успевате да го доловите сѐ потрауматичниот дух на времето во кое живееме, ставајќи го човекот, но и самиот себе во фокусот. Од што бевте испровоцирани во составувањето на таа ваша најнова приказна?
– Идејата за изложбата не е нова и реализирана прекуноќ! Претходеле многу искуства, подготовки, лични преиспитувања, акумулации… Секако дека проектот „Еха од иднината“, поставката и идејата произлегоа оттаму, со актуелности, референции и дискурси, но и прашања од сегашноста, размисли за иднината, во исто време и како дополнување од некои мои претходни остварувања и идеи, кои досега не биле реализирани, а биле присутни и на некој начин тлееле и се таложеле во мене. Поаѓајќи од тоа, а познавајќи се себеси пред сѐ како човек перфекционист, кој живее и активно твори долги години на полето на уметноста, сакав да реализирам изложба што самата по себе ќе биде своевиден пакет во буквална смисла на зборот, и тоа од сите аспекти: концепциски, дискурзивен, визуелен, едукативен. Самиот проект беше мултидисциплинарен и доста обемен, комплексен. Бараше долга подготовка, а во него беше вклучена и голема екипа, која несебично помогна и придонесе во подготовките и реализацијата, од историчари на уметност, фотографи, дизајнери, продукција, технички лица. Обмислување на секој детаљ во дадениот простор до максимум и перфекција, во рамките на дадените можности. Идејата е субјективна реакција на времето во кое живеам, со сиот хаос што нѐ опкружува и нѐ демне сите (и не само моја), но, од друга страна, сфатив по реакциите на публиката дека и таа го делеше моето мислење повеќе или помалку. За мене тоа беше успех, го постигнав тоа што сакав да го кажам во дадениот момент и времето, а наедно и да им ја пренесам таа енергија на посетителите. До некаде сметам дека ги исполнив зададената мисија и цел, првин пред самиот себе, а потоа оставајќи им простор на јавноста, на критиката, дали ќе им се допадне изложбата или не. И треба да има различни мислења и критика, без разлика дали е позитивна или не. Јас сум отворен за соработка со сите.

Одбравте делото да го сочинуваат три целини, во кои, како и што истакна кураторката на изложбата Маја Чанкуловска, беше постигната синергија меѓу повеќе медиуми (објекти, реди мејд предмети, најдени објекти, инсталации, фотографија, видео, видеоперформанс и аудиозапис, текстови, интервенции во просторот на галеријата). Смело си поигравте и со времињата, но дали сте размислувале што ве вознемирува повеќе – сегашноста или иднината?
– Искрено да ви кажам, не знам што повеќе ме плаши и вознемирува. Дали е тоа сегашноста во која живееме јас и другите, секој со своето бреме и крстот на плеќи, проблемите од секаков тип, предизвиците, неизвесноста. Од друга страна, размислувам за иднината, не знам. Чувствувам огромна несигурност, страв, декаденција. Колку и да се трудиме сите да го смениме тоа. Мислам дека отидовме предалеку, ама во негативен контекст. Тоа е, секако, мое субјективно мислење. Во суштина, сите работи зависат од нас самите, така што во иднина тоа би требало да ни биде максима и приоритет на сите. Па, во тој контекст ќе завршам со цитат од Марк Аврелиј: „Она што го правиме сега, одекнува во вечноста“.

Со дел од „Еха од иднината“ учествувате деновиве на изложбата „Кумановски ликовни уметници 2019“, отворена во Уметничката галерија при Музејот во Куманово, вашиот роден град, каде што и живеете. Што им нудите на сограѓаните во оваа пригода и во каков авторски контекст?
– За традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2019“, која се одржува по повод 11 Ноември, Денот на ослободувањето на Куманово, се одлучив за една целина составена од инсталацијата „Сѐ не умира“ и видеоперформансот „Прочистување“. Сметав дека на кумановската публика ќе ѝ презентирам нешто поинакво, еден поинаков визуелен дискурс и подигнување на свеста (ако воопшто и можам да сменам нешто како единка, не верувам) и на стандардите во презентациска смисла, но и во однос на она што досега таа публика го има перципирано, доживеано и видено како класично презентирање на уметноста. Секако, и за онаа публика што не беше во можност да присуствува на отворањето на мојата изложба во националната галерија на Македонија „Мала станица“, во октомври. Инаку, се работи за инсталација составена од постаменти и најдени животински коски, черепи, претходно хемиски третирани, поставени на црвена основа, 12 лимени бунарски кофи, балансирано наполнети со вода, и за видеоперформансот како заокружување на целата приказна. Како ангажирана идеја за ментално прочистување, кое ни е неопходно долги години, но особено сега како нација, но наедно се работи за една хуманистичка порака во христијански дух, прашања, одговори, поврзани со вечната дуалистичка тема: живот/смрт, човек/духовност.

Минатата година ја добивте „Ноемвриската награда“ на градот Куманово од областа на современата ликовна уметност, а истата година изложувавте и во неколку града во странство. Имате ли веќе планови за презентација на вашето творештво за идната, 2020 година?
– Минатата година беше особено успешна за мене и бев повеќе од задоволен од аспект на изложбената презентација на моето творештво, самостојни и групни изложби низ повеќе градови и држави, се разбира. Изложбата „Урбани еха“ во македонската амбасада во Париз и едномесечниот престој таму, перформансот „Сите бои на џезот“ во уметничката галерија во Куманово, изложбата „Шизм“ во Белград, групни изложби во Куала Лумпур, Малезија, и во Урбино, Италија. Годинава конкурирав со неколку проекти во Министерството за култура за 2020 година, па за неколку месеци ќе го видиме исходот од конкурсот, со надеж дека тие ќе бидат поддржани, ако сѐ оди како што треба. Секако, за мене како уметник од особено значење беше и добивањето на единаесеттоноемвриската на градот Куманово од областа на современото македонско сликарство и промоција на културата во овој град, но и пошироко. До крајот на годинава ме чекаат уште работа и реализација на уште една изложба-проект, овој пат во Македонскиот културен центар во Њујорк, поддржана од Министерството за култура. На мое задоволство, новогодишните и божиќните празници ќе ги прославиме токму таму, со што можам слободно и нескромно да кажам дека заокружив една успешна година.