Во тек е 18-от Интернационален фестивал на античка драма. Традиционално, во летните периоди на древната сцена во Стоби се изведуваат театарски текстови од најпознатите антички драматурзи и се доделуваат награда за најдобра претстава, награда за режија и награди за најдобри актери. Во годинешната програма се застапени две странски и четири домашни продукции, вклучувајќи и петнаесет културни настани, како што се изложби, промоции на книги и филмски проекции под отворено небо.
„Отело“ на режисерката Нина Николиќ, а во копродукција на Македонскиот народен театар и БНП-Зеница ќе биде одиграна на фестивалското затворање, утревечер со почеток во 21 часот. Поради комплексноста, таа ќе биде изведена на сцената во театарот „Џинот“ – Велес. Претставата се игра во проза на два јазика, македонски и босански. Како што вели и режисерката Николиќ, пристапот кон текстот ги разработува и денешните актуелни, свежи и безвременски теми.
Шекспировата трагедија „Отело“, по премиерната изведба на 16 ноември во БНП, Зеница – БИХ, беше премиерно одиграна и пред скопската публика на 4 декември 2019 година, а по изведбата во рамките на „Скопско лето“, ова за претставата е второ фестивалско претставување.
Во претставата играат актерите од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска е костимографка, а на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.