Првпат се одржува хибридно издание на МОТ, Млад отворен театар. Програмата може да се следи во живо и онлајн со специјални стримови.
Дванаесет претстави на домашни и на странски театри обединети под мотото „Ќе има утре!“ се дел од 45-от јубилеен Млад отворен театар, кој ќе трае до 3 декември. Фестивалот беше отворен со перформансот „Универзална во пламен“ на авторскиот тим што ја освои главната награда „златна трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор минатата 2019 година.

За време на фестивалот се најавени три премиери. Покрај „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, тука се и перформансот „Скринсејвер“, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски и продукција на театарот „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ од Велес.

На програмата се и „Траги од Антигона“ со стрим од Грција, „Полковникот птица“ со стрим од Гостивар, „Три сестри и Наташа П.“ со стрим од МКЦ, „Илузии“ со стрим од „Вондерленд театар“, „Иднината е приватна“, „Спроти нештата“, „Кожурец“ и други.
– Сработивме многу годинава и нема да дозволиме да извиси МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и оптимистично го отвораме и го затвораме фестивалот со претстави во живо – информираат од МОТ.