Филмот е величенствена уметност. Уметност на создавање приказни, сензации и емоции. Уметност за која треба лидер и тим, за која треба имагинација и одважност. И кога не е можно, да направиш да биде можно да се случи. „Киненова“ и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. Оние кои го завреднуваат вниманието на публиката и на критиката. Ги охрабрува да продолжат да не фасцинираат со своите вештини и слики. Тие млади автори со својот непоколеблив дух повторно и повторно се нурнуваат во смели теми и истории и се занимаваат со комплексните или пак, со едноставните страни на нашите животи. За овие пет години се промовирале повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови кои беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.
-Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди – рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Шестото издание на „Киненова“ беше свечено отворено синоќа во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ, кој го прогласи фестивалот за отворен.
– Голема чест е за мене што сум овде вечерва, особено во овој контекст на не само македонски, туку и европски филмски имиња. Исто така особено се радувам што повторно сме заедно, физички присутни овде, во кино-салите. Тоа е многу важно и сакам да и заблагодарам на „Киненова“ што успеа да организира фестивал со физичко присуство. Ова e шесто издание на фестивалот, но веќе стана звучно име во рамките на филмските фестивали во регионот. Во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можнот да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа – рече Арсенијевиќ прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Мето Јовановски е годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, а наградата му ја врачи директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ. Актерот е оној кој ни ги носи, ни ги предава сите емоции. На актерите или им веруваме или не. А нашиот лауреат е актер на кој беспоговорно му веруваме. „Киненова“ го слави генијот на еден уметник чиј актерски чин во македонскиот филм го понесе на повисоко ниво. Актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“…


– Благодарност до сите мои колеги: актери, режисери, автори и бројни филмски дејци со кои имав чест да соработувам во изминатиот период и заедно со верба и љубов кон филмот да создадеме филмски дела кои во минатото беа достоен репрезент на македонскиот креативен дух. Да бидеме дел од големиот филмски мозаик и да се вградиме во тие т.н. подвижни магични слики. Да се вградиме во колективната меморија во Балканскиот и Европскиот духовен простор како траен белег на филмското творештво и придонес во филмкото Европско наследство. Затоа за мене филмот и филмската уметност и фестивалите се мост кој духовно не поврзува и се достоен репрезент на бројни драмски творби преточени во креативен филмски живот. За жал нештат не се скојпат такви какви што ги посакуваме. Имено…живееме во време на големи промени и бројни конфронтации пропратени со болни девијантни настани. Во едно такво опкружување опстојуваат и создаваат нашите филмски и културни дејци, исправени пред нови предизвици и сведоци на бројни настани и промени, со желба за едно подбро утро во кое централната тема ќе биде човековиот живот и универзалните вредноти како патоказ и ориентир за сите нас. Амбиент во кој ќе дојде до израз креативноста и убавината како највисока вредност. Актерот како и секој човек мечтае по се она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневно да се преточи во возвишен филмски живот, да се влезе во светот на креативноста и за миг да се заборави црно-белиот свет. А нашата радост, возбуда и љубов да ја поделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката – рече Јовановски, кој посака добро здравје со желба да го следиме патот на убавото и креативното-патот на се она што ја храни и возвишува човековата душа, а во чест и слава на филмот и филмската уметност, на духовните вредности, во слава на македонскиот креативен дух и артизам.
Сабина Ајрула Тозија ни ги подари своите филмски и телевизиски улоги со искрена страс и беше докрај посветена прифаќајќи ги сите предизвици. Таа беше многу едноставна за соработка и актерка кој го почитуваше ентузијазмот кај младите филмаџии и секогаш беше подготвена да им помогне.
„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно и ја додели наградата за Особен придонес во филмската уметност. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев.
– Спомените од тоа што се случуваше изминатава година сеуште ми се свежи, не најдов начин за да го сумирам тоа што го чувствувам. Тоа што ми е останато од мојата мајка Сабина. Голема благодарност за „Киненова“ за оваа награда, голема чест ми е и се надевам дека таму некаде меѓу ѕвездите тоа го знае и мајка ми. Покрај тоа што беше неуморен, посветен филмски, театарски работник, таа беше пред се мајка и едноставен човек полн со љубов, разбирање и поддршка низ целиот мој живот – рече Вардан Тозија.


„Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга. Актер, уметник и алтруист. Неуморен во сите полемики и разговори. Поет во душата, вљубеник на македонската поетска реч, која често ја говореше дури и во дружби, не само на јавни настапи. Со тој актер и поет во душата, „Киненова“ пред шест години го започна своето фестивалско патување.
На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека на Северна Македонија, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.