Друштвото на писателите на Македонија и овој декември го отвора конкурсот за петте традиционални награди за најдобри книжевни остварувања во календарската година. Наградите „Стале Попов“ за проза, „Ацо Шопов“ за поезија, „Димитар Митрев“ за критика и есеј, „Ванчо Николески“ за книга за деца и „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите веќе со години се клучен репер за валоризација на годишната книжевна продукција кај нас.
Право на учество на овој конкурс имаат сите членови на ДПМ, кои до истекот на годината треба да достават по четири (4) примероци од своите новообјавени книги (во текот на 2020 г.) во посочените категории.
Примероците може да ги достават во канцеларијата на ДПМ, но поради состојбата со пандемијата на ковид-19, од ДПМ апелираат учесниците претходно да се јават на мобилниот број на веб-страницата на ДПМ.
За секоја од наградите ќе одлучуваат тричлени комисии, составени од истакнати писатели со евидентно искуство во жанровските домени на кои тие се однесуваат.