Со претставата „Живата сфинга“ во изведба на Националниот театар од Приштина синоќа во Тетово свечено беше отворено седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал во Тетово.

Присутните ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој во своето обраќање истакна дека реализацијата на театарскиот фестивал го збогати културниот живот на граѓаните на Тетово и околината.

– Негувањето на овој фестивал и вложувањето во неговото развивање претставуваат можност да ја проследиме активноста и творечката дејност на многу театарски трупи. Министерството за култура, препознавајќи го значењето на фестивалот кој претставува творечки импулс во областа на театарското творештво во Тетово, ја дава својата поддршка за неговата реализација – рече министерот Исмаили.

На крајот во своето обраќање, министерот за култура ги поздрави залагањата на тимот што го реализира фестивалот посакувајќи уште едно негово успешно издание.