Ретроспективната изложба на македонскиот скулптор Драган Попоски-Дада е отворена во „Даутпашиниот амам“, во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Националната галерија на Македонија. Пред многубројната публика на отворањето беа презентирани скулптури и цртежи од сите творечки периоди на значајниот уметник што се во негова сопственост, во сопственост на самата галерија, на неколку државни институции и музеи, како и на значаен број приватни лица.