Вечерва пред љубителите на убавата уметност од Кичево, за првпат се претстави Александра Ацеска, ликовен уметник од Прилеп, со изложбата насловена „Близнакот“, што е втор самостоен проект на авторката. Ова е трето самостојно претставување на Ацеска, откако претходно по еднаш се претстави во главниот град Скопје и родниот град Прилеп.

– Секогаш ме интересирале ситуации кога една тенденција е наспроти друга и кога едната спротивно од другата пробуваат да се прошират и заменат. Во зависност од околностите една од тенденциите доминира еднаш, па потоа доминира другата, и на крајот секогаш има баланс помеѓу двете, бидејќи двете состојби се во служба на целината. Дуализмот повеќе се појавува како индивидуална перцепција отколку како реална состојба во природата. Од досегашното искуство ние како човечки суштества сакаме да ги поедноставиме работите за потоа да ги комплицираме и расчленуваме,  што е уште еден пример на дуалистички пристап – нагласи на отворањето Александра Ацеска, која ни потврди дека делата од овој опус се изработени последните две години и истите планира да ги претстави и во други изложбени простори  во земјава.