Фото: Игор Бансколиев

Презентираните документи во Музејот на македонската борба сведочат за главните периоди на формирањето и развојот на руската држава од средината на 11 до почетокот на 21 век

По повод 4 Ноември, Денот на народното единство на Руската Федерација, во Музејот на македонската борба за самостојност вчера беше отворена документарната изложба „100 раритети на руската државност“, на која се презентирани 100 документи што сведочат за главните периоди на формирањето и развојот на руската држава од средината на 11 до почетокот на 21 век. Свеченоста на отворањето започна со интонирање на македонската и на руската химна, во присуство на голем број државни и верски претставници, на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, како и на Федералната архивска агенција од оваа земја. Директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова, во своето обраќање изрази уверување дека неговите посетители преку изложбата ќе можат и поблиску да се запознаат со најважните елементи на руската држава, додека рускиот амбасадор Сергеј Баздникин меѓу другото ги информира присутните дека Денот на народното единство е воспоставен во чест на подвизите на руските предци и ја симболизира нераскинливата врска на сите генерации посветени на татковината.

– Овој празник широко се слави во нашата земја, ги обединува руските граѓани и повеќемилионскиот руски свет во странство. Горди сме на нашата татковина, на нејзината пребогата историја и култура, на придонесот кон развојот на светската цивилизација, на духовните вредности и моралните принципи, вродени на нашиот народ – рече амбасадорот Баздникин, информирајќи и дека изложбата првпат била претставена лани во Москва, при одбележувањето на стогодишнината од Државната архивска служба.

Фото: Игор Бансколиев

Тој укажа и дека Македонија е првата странска земја чии граѓани имаат можност да се запознаат со изложеното документарно богатство, но и нагласи дека за секој документ руската амбасада во земјава направила опис на македонски јазик.

– Мноштвото документи се од голем интерес не само за руските научници туку и за архивисти од други земји, вклучувајќи ја, се разбира, и македонската научна заедница. Убеден сум дека изложбата ќе предизвика интерес и од страна на широката јавност: таа содржи и најстари кирилски текстови, кои сведочат за повеќевековните цврсти врски на Русија со словенските народи – рече рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

Заменик-раководителот на Федералната архивска агенција на Руската Федерација, Андреј Викторович Јурасов, истакна дека на оваа изложба на едно место првпат биле собрани оригиналните документи чии копии се претставени во оваа пригода во Скопје.

Фото: Игор Бансколиев

– Меѓу документарните раритети се најстарата ракописна книга „Остромирово евангелие“, првиот руски законик „Руска правда“; автографите на големите реформатори Петар Први и Екатерина Втора, документи со автографи на Ленин и Сталин; акт за воена капитулација на нацистичката Германиja; извештајот на Јуриј Гагарин за првиот вселенски лет; документи за формирање на СССР и прекинување на неговото постоење… – рече меѓу другото Андреј Викторович Јурасов, кој укажувајќи на повеќевековните културни и духовни врски меѓу Македонија и Русија, посочи и на еден од експонатите на изложбата „Евангелие Апракос – Савина книга“, чиј најран дел е напишан во 11 век на Балканот, а буквите се совпаѓаат со буквите на натписот на цар Самуил во 993 година, додека, пак, други делови биле додадени подоцна, во Русија.

Фото: Игор Бансколиев
Фото: Игор Бансколиев