Во Заводот и музеј – галерија „Куќа на Робевци“ во Охрид е отворена изложбата „Охрид/поглед од другата страна“. Изложбата претставува јавна презентација на проектот „Многу луѓе – многу погледи“, организиран од центарот за креативни индустрии НЕБО, а поддржан од програмата „Европски денови на културното наследство“, во рамките на повикот „Приказни за европското културно наследство“.

На изложбата „Охрид/поглед од другата страна“ се презентирани селектирани фотографии, кои учесниците имаа можност да ги изработат за време на нивната тридневна посета на културното наследство на градот Охрид, како и ликовни дела инспирирани од истиот настан.

Целта на приказната „Многу луѓе – многу погледи“ е да се претстави и сподели македонското културно наследство ситуирано во градот Охрид како дел од големото европско културно наследство, преку очите на маргинална група психијатриски пациенти. Проектот е реализиран во соработка со ЈЗУ „Психијатриска болница“ од Демир Хисар, а учесници се: Гајтана Врбовска, Каролина Луческа, Снежана Неделковска, Ерол Етемовски и Јане Крстески.

Куратори на изложбата се Стефан Шашков и Јасмина Котевска.