Во ликовниот салон на ДЛУБ во Битола е отворена изложбата „Интерактивни рефлексии“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување метал. Битолската публика ќе може да ја погледне изложбата до 22 октомври.
Неговата скулптура дава импресија на строгост и рационалност што се потпира на однапред подготвени постулати и идеи логично артикулирани. Слободан Милошески користи геометриски цврсти материи во скулптурата, но крајниот импакт не е тврд или статичен.
– Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли, тие не оддаваат впечаток на совршена поставеност, туку се „потпираат“, „навалуваат“ и „искривуваат“ во неочекувани позиции. Ваквата „конструкција“ на овие скулптури има дава човечки аспект и духовна страна. Милошески ја брани идејата дека уметноста е чисто објективна и владеат закони што ја третираат уметноста не како чин на имагинација, туку како чин на набљудување, перцепција и манипулација со формата. Во контекст на оваа филозофија, неговото разбирање на скулптурата е чисто субјективно, но управувано со закони што владеат во релацијата маса – простор – вели историчарот на уметност Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески досега има реализирано 25 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 15 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“, како и награда за скулптура, сите од ДЛУМ, и наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година.