Во Галеријата на МКЦ е отворена изложбата „Ефлувиум“ на Срѓан Миќиќ.
– Визуелен коментар посветен на современaта перцепција и дискурс. Култура на консумерство и неумерна експлоатација. Промени без основа за прогрес. Механичко повторување шаблони. Трка за пари, моќ, влијание…
Ефлувиум во слободен превод значи смрдлива, отровна реа што испарува и се шири, болест. Болест на современиот ритам и генерациска незрелост. Незаинтересираност и пасивно набљудување од далечина. Криење зад вековни догми и мантрање без смисла. Обожување на златното теле и величање виртуелни идоли. Незаинтересираност, конформизам, технократија и виртуелна реалност – пишува во описот на изложбата.
Срѓан Миќиќ e роден 1980 година, во Скопје. Има завршено Белоруска академија на уметностите, во Минск, специјалност – графика, како и на Националната уметничка академија, Софија, исто така специјалност – графика;
магистерски студии завршил во Софија, специјалност – сликарство.
Има десет самостојни изложби и учество на повеќе групни изложби во земјава и надвор од неа. Од 2011 г. е професор на Меѓународниот балкански универзитет.