Во Уметничката галерија во Куманово свечено е отворена изложбата „Византиски и поствизантиски сакрални споменици во Кумановско“.

Министерот за култура, Хусни Исмаили, истакна дека Куманово – градот на културата за 2019 година – може да се гордее со богатото културно наследство од над 40-ина средновековни храмови.

– Куманово и Кумановско можат да се гордеат со сакралните споменици, односно сите цркви и манастири од византискиот и поствизантискиот период, како и двете џамии од османлискиот период, кои се дел од богатото културно наследство на овој крај – рече Исмаили.

Тој додаде дека посетителите во наредните денови ќе можат да уживаат во уметноста на сакралната архитектура, дополнета со цртежи од значајни композиции од фрескосликарството, како и од арабеските на џамиите и фрескокопиите од старонагоричкиот храм.