Вечерва, со почеток во 20 часот, во галеријата „Акантус“ ќе се отвори самостојна изложба на слики, графики и цртежи на Марко Вујисиќ, насловена „Формите на градот“. Младиот уметник во ова претставување како лауреат на наградата на галеријата „Акантус“, по изложувањето на саемот „Ин ситу“ на уметност во Скопје, се претставува со слики и графики посветени на градот и на неговите форми.

– Како млад жител на Скопје, Марко на интересен начин ги создава конструктивните форми, ги расчленува, ги коментира преку симболи, ги акцентира преку апстрактни антропоморфни форми. Колоритот што ја дополнува, поточно ја оформува сликата е чист и медиумски „плакатно“ исчистен. Графити-цртежите на Марко имаат свежина на прочистен цртеж, поента што соодветствува со околината, но повеќето од нив повеќе ги нема на ѕидовите на градот – истакна Дијана Томиќ Радевска.