Изложбата „Пресоздавање“ на Јулија Манојлоска ќе биде отворена вечерва во 20 часот во галеријата во Младинскиот културен центар.

„Пресоздавање“ е објектна инсталација на визуелна сензација, лутање односно перцептивно раздвојување и повторно создавање. Трансформирана слика создадена од традиционалниот дводимензионален сликарски медиум во тродимензионален објектен цртеж ги содржи сите елементи кои го дефинираат сликарскиот дискурс.

Материјализацијата на цртежот преку бојата и светлото-сенките, го освојува просторот и околината со обоен цртеж-објект.

Идејата за ваква инсталација е идеја на внатрешното чувство за репетитивно барање и лутање низ простор за истражување помеѓу објективната и субјективната реалност. Делото се обраќа на експресивноста на емоцијата на авторот конвертирана во идеја што ја создава сликата и инсталацијата т.е објектот.

Со користење на основните бои, се создаваат други нијанси и просторното лебдење завршува со цртеж на ѕид. Сензациите кои настануваат помеѓу врските, се пресоздаваат со насочување на светлосните зраци низ транспарентноста на материјалот со што се проектира колоритен цртеж од линии-сенки, во просторот. Ослободената форма е постојано променлива, движечка и во треперење, а траекториите насочени кон ѕидните површини прикажуваат чин на присуство на ослободен тродимензионален апстрактен цртеж во отсутност на формата.

Насетливиот концепт за објектна исталација, постојано трагајќи по променливото, создава импулс на ликовност во простор. Бојата, површината и текстурата на формата само ги зголемуваат физичките аспекти на делото.

Јулија Манојлоска е родена на 25 август 1992 година во Скопје, Во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски. По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност. Таа има учество на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности.