Вечерва со почеток во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје се отвора самостојна изложба на ликовниот уметник Велимир Жерновски насловена „Отаде црнилото“.
– Изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видеоинсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето – вели ликовната критичарка Љиљана Неделковска.

Изложбата „Отаде црнилото“, освен од видеоинсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д-печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината. Заднината на која тоа се случува е ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп „Џејмс Веб“, „најмоќниот времеплов“ што според НАСА, ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум – вели ликовната критичарка Љиљана Неделковска.
Велимир Жерновски работи цртежи, видеа, инсталации, интервенции во јавен простор и сценографии преку кои ги истражува поимите поврзани со популарната култура. Досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и во САД.