Во официјална конкуренција е и „Магбет“ во режија на Нела Витошевиќ од МНТ

МТФ „Војдан Чернодрински“ по 54-ти пат ќе се одржи од 7 до 15 јуни. Во официјална конкуренција ќе бидат осум претстави, а наградите за животно дело ќе им бидат доделени на истакнатиот македонски режисер Владимир Милчин и на актерот Бајруш Мјаку. Во официјална конкуренција се претставите: „Магбет“ во режија на Нела Витошевиќ од МНТ, „Странци“ исто така на Витошевиќ од Драмскиот театар Скопје, „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на „Театар комедија“, „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албанскиот театар, „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар, „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија Игор Вук Торбица на Битолскиот театар, „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Струмичкиот театар и „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот домаќин „Војдан Чернодрински“.

Според уметничката директорка Катарина Хаџи Василева Коцевска, претстави ќе има и во придружна програма од театрите што не се официјална програма.
– Новитет е што фестивалот ќе има свои профили на социјалните мрежи, а има нова веб-страница. Исто така битна новина е наградата на публиката, која ќе може да гласа за претставите. Наградата е статуетка од мермер и ги спојува театарската уметност и градот. Фестивалот ќе биде отворен со театарска музика на Влатко Стефановски на седми јуни, а придружната програма ќе биде дополнително утврдена – вели уметничката директорка.

Годинава се враќаат тркалезните маси што ќе се одржуваат веднаш по завршувањето на претставите во официјална конкуренција.