„Шест лица го бараат авторот“ во режија на Фрљиќ,

Педесет и второто издание на меѓународниот театарски фестивал „Битеф“ ќе се одржи од 14 до 22 септември, а, според програмата, ќе бидат прикажани десетина претстави, од кои двете носечки се во режија на Оливер Фрљиќ, беше најавено на неодамнешната прес-конференција што се одржа во сатиричниот театар „Керемпух“ во Загреб.

Како што пренесе белградски „Данас“ овој театар не случајно е избран за регионалната најава на „Битеф“. Освен тоа што „Керемпух“ првпат настапува на оваа смотра, претставата „Шест лица го бараат авторот“ во режија на Фрљиќ, претставува директен удар в лице на радикалната хрватска десница, додека втората пиеса, „Горки – Алтернатива за Германија“, во изведба на театарот „Максим Горки“ од Берлин, се занимава со истата проблематика, само во „сопствениот двор“.

– Токму бескомпромисната критика и осуда на десниот популизам е во фокусот на 52-от „Битеф“ – изјавил Иван Меденица, уметнички директор и селектор на фестивалот. Тој потсетил дека мисијата на „Битеф“ отсекогаш била да ги мапира оние уметнички појави во современиот театар, што (и натаму) се радикални, субверзивни и полемични, како и да укажува на соодветните вознемирувачки општествени феномени.
– „Битеф“ постои за да нѐ вознемирува, и уметнички и политички, нѐ поттикнува на размислување, на реакција – рекол Меденица, додавајќи дека на двете претстави на Фрљиќ им е заедничко тоа што целат и тематизираат потенцијални опасности за Европа и за современиот свет, како што се: феноменот на десниот популизам, екстремизам и формирање авторитарни општества, дури и во земјите што се колепка на демократијата.

– Ние можеме да го сакаме или не политичкиот театар, но средината каде што тој не постои е синдром за тоа општество само по себе – нагласил меѓу другото Меденица.
На годинашниот „Битеф“ ќе гостуваат претстави од: Франција, Германија, Хрватска, Србија, Естонија, Швајцарија, Израел, Белгија и една германска продукција со претстава на руски уметници.