Филозофското друштво на Македонија годинава го организира 8. Филозофски Филмски Фестивал, втор со интернационален предзнак. Главната програма на ФФФ ќе се одржи во периодот 12-19 април, во Кинотеката на Македонија со учество на повеќе домашни и интернационални гости – филозофи, професори, истражувачи, режисери.

Фестивалот по втор пат е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, прв пат од Министерството за култура и трет пат од Градот Скопје. Соработници на Фестивалот се Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Кинотека на Македонија, МКЦ Скопје, како и четири филмски академии: ЕФТА од Скопје, ФДУ од Скопје, ФИОФА од Охрид и Филмската академија при УГД Штип.

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови.
Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм по избор на селекторот д-р Дејан Здарвков, ќе бидат 22 филмови од различни краишта на светот: Киргистан, Франција, Португалија, Турција, Македонија, Грција, Холандија, Финска, Полска, Русија, Словенија, Белгија, Шпанија, Норвешка, Естонија, Непал, Италија, Иран, Украина.

Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражните филмови ревијално ќе биде прикажан „Крајот на времето“ од Милчо Манчевски. Карактеристика на Фестивалот при изборот на филмовите е задоволувањето на двата основни критериума: уметнички квалитет и филозофска податливост и релевантност.

Во Ревијалната програма филм-философија, односно срцевината на концептот на Фестивалот, ќе бидеме сведоци на шест различни настани. Карактеристично во неа, по проекцијата на филмот, следи излагање на гостите на ФФФ, универзитетски професори и режисери, на тема инспирирана од филмот, а проследена со отворена дискусија со публиката.

Придружната програма на Фестивалот се состои од предавања на интернационалните гости (Хана Павек, Нил Кенеди, Џан Мариа Торе) организирани во соработка со неколку наши високообразовни институции.

Во рамките на програмата ќе се одржи и џез вечер со SHAMBA JAZZ TRIO по вечерната проекција во Кинотеката (14 април, кафе бар Мартини).

Филозофскиот Филмски Фестивал и оваа година нуди богата едукативна програма за учениците од средните училишта, работилници и предавања за младите, како и годинешниот нов програмски сегмент – Фил(м)ософија за деца.

Како и претходните три години, по завршувањето на Фестивалот следи ФФФ Караванот, којшто овојпат ќе посети пет градови низ земјата: Штип, Свети Николе, Битола, Прилеп и Охрид, во обид да пренесе дел од атмосферата и духот на Фестивалот и надвор од главниот град.