Во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, наскоро ќе биде објавена најновата книга на македонскиот раскажувач Томислав Османли, „Најстари приказни“. Станува збор за книга митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост или создадени во неа.
Раскажувањето на најстарите приказни од мугрите на западната цивилизација појавени на нејзините источни хоризонти, започнува со митот за подемот и за пропаста на митскиот континент Атлантида, за војната меѓу титаните и олимписките богови, како и со богатиот сказ за Прометеј, таткото на човечкиот род и покровителот на човештвото, сурово казнет од боговите токму поради своето човекољубие. Тоа се сугестивно, економично и едновремено прецизно, со многу податоци, ликови на митски херои и перипетии, прераскажани најстарите приказни на западната цивилизација. Книгата „Најстари приказни“ продолжува со повестите за чудесното раѓање на Херакле и за неговите дванаесет подвизи, потоа за пловидбата на аргонаутите и нивната потрага по волшебното златно руно, митот за Персеј, застрашувачката горгона Медуза, величествениот коњ Пегаз и за спасувањето на принцезата Андромеда…

Целта на оваа книга, велат од „Арс ламина“, е на јасен и автентичен начин на младата читателска публика да ѝ се доближат најстарите приказни што се појавиле во мугрите на западната цивилизација. Зашто, како што тврди авторот во својот поговор, митовите се живите мечти дојдени од медитеранскиот дел на древниот свет во големиот современ свет, запечатени во културата и во колективното несвесно. Со други зборови, колку и да се стари, овие приказни секогаш ќе останат современи поради возбудливите настани и силните етички пораки содржани во нив, пренесени едноставно и разбирливо.“ Книгата вклучува и речник на помалку познати зборови наменет за младите читатели, а ја носи и ознаката „Лесно читливо!“, што е препорака на здружението за дислексија „Ајнштајн“ и на Филозофскиот факултет од Скопје.