По смртта на академик Милан Ѓурчинов

„Не винесла душа Поета
Позора мелочних обид,
Востал он против мнениј света
Один, как прежде…и убит!“
(М. Лермонтов)

Воопшто не е лесно да се зборува или пишува за заминувањето од животот на кој било човек. Но тоа е уште потешко и болно да се прави за човек што со години и децении си го познавал, си општел со него, а, згора на тоа, ти бил и учител и воспитувач од области какви што се јазикот, македонската и светската книжевност, литературната критика, славистиката и друго, со што беше исполнет богатиот животен опус на деновиве починатиот професор и академик Милан Ѓурчинов.

Тој беше човек со редок интелектуален потенцијал и ѝ припаѓаше на таканаречената втора генерација македонски интелектуалци од расадникот на некогашниот Филозофски факултет во Скопје и заедно со уште неколкумина други македонски поети и писатели, какви што беа Матеа Матевски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, Димитар Солев, Анте Поповски, Живко Чинго и други, го сочинуваше езгрото на повоената македонска интелектуална елита, надградена врз почетните достигнувања на основоположниците на современата македонска книжевна и лингвистичка наука – националните корифеи Блаже Конески и Димитар Митрев.

По Втората светска војна и создавањето на Федеративна Народна Република Македонија, во рамките на Филозофскиот факултет, на штотуку основаниот национален универзитет „Кирил и Методиј“, собрани околу двете водечки литературни списанија од тоа време, „Современост“ и „Разгледи“, овие поети, писатели, критичари и преведувачи преку своите дела и творби првпат напишани на мајчин македонски литературен јазик, со самопрегор и висок ентузијазам го одредија патот на идниот развој на сега богатата современа македонска книжевна историја, во која името и делото на Милан Ѓурчинов, го сакал тоа некој или не, имаат високо и почесно место.

Мошне е тешко и неблагодарно да се издвои макар и една од неговите литературни активности, бидејќи сите заедно го сочинуваат неговиот интелектуален творечки код на врвен и доследен литературен критичар, виспрен есеист и пламен полемичар, креативен преведувач, објективен антологист, светски познат славист и предан компаратист, бидејќи сето тоа заедно му го „одредува неговото мошне високо место во пантеонот на историјата на македонската современа книжевност“, рече академик Влада Урошевиќ. Милан Ѓурчинов припаѓаше и, за разлика од многумина други македонски поети и писатели, докрај и доследно остана творец и мислител со левоориентирана социјалистичка идеологија, што не секогаш му се земаше како предност, а, напротив, му се импутираше кога паѓаше во немилост.

Како врвен познавач на руската класична и современа книжевност, тој преку делата на Чехов, Достоевски, Пастернак, Цветаева и други руски автори го градеше и својот идеен, но уште повеќе естетски поглед кон европската современа и модерна литература, бидејќи, исто така, образован на Сорбона во Париз, не му беа туѓи и модернистичките дострели на француската, италијанската и на другите модерни европски литератури, на кои Ѓурчинов како основоположник на Катедрата за компаративна книжевност при Филозофскиот факултет во Скопје им посвети значаен дел од својот живот и творештво.

Нашите, за жал, не баш толку чести, но секогаш срдечни, среќавања во Скопје, Охрид или во Москва, сега кога почитуваниот професор не е повеќе со нас, интуитивно ги подредувам на зборовите од посветата на една од неговите последни книги „Освојување на реалноста“: „На моите некогашни студенти Невенка и Драган Јањатови, денес драги колеги и пријатели! Од нивниот професор, Милан Ѓурчинов“, 26.9.2012 година, во Скопје.

Секогаш кога се навраќам на оваа книга, се сеќавам и на еден детаљ од нашето долгогодишно општење со академик Ѓурчинов, кога таму некаде во почетокот на првата деценија од новиот век во Москва, по молба на професорот, лично му предадов писмо на познатиот руски поет и негов пријател Андреј Вознесенски, кој почина во 2010 година и кој беше и важеше за еден од единствените ученици на нобеловецот Борис Пастернак. Тоа, претполагав, било пресудно да ги зближи Ѓурчинов и Вознесенски, со кого подоцна имав уште две средби, а кој во секоја пригода со почит и пиетет зборуваше за македонскиот литерат, со кого се запознале во Москва, но имале средба и се дружеле во Струга и Охрид, при неговата посета со исто така познатиот руски поет Роберт Рождественски на струшкиот поетски фестивал, веќе не се сеќавам која година.

Сега, кога професорот, за жал, веќе нема да можам да го сретнам на вообичаените места, остануваат честа и гордоста што го познавав, ми беше учител и ми отвори драгоцени хоризонти и погледи од литературата, културата и општеството што, ете, ме следат во мојот живот. Единствено жалам што шишето грузиско бело вино „цинандали“, кое се договаравме летово да го отвориме во Охрид, ќе остане неотворено. Почивај во мир, мој драг тешко помирлив професоре!