„Оркестар без граници“ се враќа на сцената со регионална турнеја наречена „Ноу ритрн ту нормалити“ со веќе одржаните концерти во Риека, Загреб, Сараево и Нови Сад, а месецов ќе гостува во Марибор (25-ти) и во Нова Горица (26-ти). Станува збор за оркестарот формиран пред десетина години од стотина музичари од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, чиј прв концерт се случи во Охрид и оттаму тргна во освојување на балканските и на европските простори. Членовите на оркестарот беа избрани по пат на аудиции, а со него раководи диригентот Премил Петровиќ од Србија, кој е иницијатор на проектот. Музичката младина на Македонија е партнер во проектот.
– Со оваа турнеја, „Оркестар без граници“ сака да ги инспирира луѓето да размислуваат за времето по пандемијата. Поради системските проблеми како што се климатските промени, социјалната нееднаквост, хиперпродуктивноста и потрошувачката, треба да се запрашаме колку сакаме да се вратиме во нормалноста пред пандемијата. Време е за суштински промени во колективните цели, верувања и вредности со кои ја градиме реалноста за која сите ќе бидеме еднакво одговорни – велат од оркестарот.

Во оркестарот од Македонија членуваат музичарите: Џијан Емин, Владимир Костов, Михаило Куфојанакис, Фросина Богданоска, Мартин Димитров, Даниел Лазаровски, Божидар Пејиќ, Александар Поп Христов, Петруш Петрушевски, Марина Арсова и Виктор Илиески. Долгогодишното искуство на оркестарот се заснова на создавање и промовирање заеднички цели што ги обединуваат луѓето од Балканот – преку музика.
– „Оркестар без граници“ како колектив сведочи за потребата и силата на музиката за надминување на националните разлики за повисока цел и општо добро. Тој дух, кој е основниот иницијатор на оркестарот, е неопходен за светот по предизвиците со кои се соочуваме на глобално ниво за време на пандемијата – вели Премил Петровиќ, диригент и уметнички директор на оркестарот.

„Оркестар без граници“ е ансамбл што го сочинуваат врвни музичари од просторот на поранешна Југославија, чија мисија се базира на вербата дека уметноста има моќ да го трансформира општеството. Тоа е единствениот ансамбл од поранешна Југославија што потпишал ексклузивен договор и снимил цеде со „Дојче грамофон“, најпрестижниот бренд за класична музика во светот.
Овој голем регионален проект е поддржан од германското министерство за надворешни работи, „Сигрид Раусинг труст“, американската амбасада во Белград, Европскиот фонд за Балканот, Фондот на браќата Рокфелер, Советот за регионална соработка, Инфоцентарот на ЕУ во Сараево, Австрискиот културен форум во Белград.