Музичка приказна

Во Виена, градот во кој живееле и твореле најголемите композитори од ерата на класицизмот – Јозеф Хајдн (1732 – 1809), Волфганг Амадеус Моцарт (1756 – 1791) и Лудвиг ван Бетовен (1770 – 1827) – немало, замислете, професионален концертен оркестар! Професионалните музичари работеле во театрите, во балетските и оперските оркестри, но симфониски оркестар не постоел. Дури 15 години по смртта на Бетовен е формиран првиот професионален оркестар, еден од најдобрите симфониски оркестри на денешницата, Виенската филхармонија.

Првиот концерт на Виенската филхармонија е одржан на 28 март 1842 година. Нејзиниот подем до врвот е добро познат. Помалку е познато дека оркестарот бил, и сѐ уште е, сочинет од членови на оркестарот на Виенската државна опера. Организациски, финансиски и уметнички, Виенската филхармонија е автономна, а во неа демократијата е на високо ниво – сите важни одлуки се носат на заеднички состанок на сите нејзини членови (самоуправување?). Но каде се жените? Зошто толку малку членови во оркестарот се жени?
Виенската филхармонија е оркестар што е пример за родова нееднаквост. Сѐ до 1997 година, 155 години по основањето, на жените не им било дозволено да полагаат аудиција. Само една единствена жена, харфистката Ана Лелкес, пред 1997-та редовно настапувала со оркестарот поради недостиг од мажи харфисти, но и таа не смеела да полага аудиција и цели 26 години била, неправедно, помалку платена од нејзините колеги. Камерманите што ги снимале концертите смееле да ги даваат во кадар само нејзините раце, но не и нејзиното лице. Дури еднаш австрискиот диригент Ханс Сваровски ѝ укажал дека местото на жената е во кујна, а не во оркестар.

Денес, 15 од 145-те редовни членови на Виенската филхармонија се жени и уште четири се во пробниот период, кој трае три години. Иако не е за радување, ова е голем напредок за Виенската филхармонија. Да се надеваме дека конечно изборот ќе се врши според уметничката вредност на кандидатите, а не според нивниот пол.
Среќен Осми март!

Лада Шоптрајанова Петровска