И 70 години по првата објава

Седумдесет години од објавата на култниот роман „1984“ на британскиот новинар и книжевник Џорџ Орвел, тој и натаму ги фасцинира читателите, иако им ја замрзнува крвта во вените, сепак ги одушевува и младите луѓе, вљубениците во дистопијата и зависниците од социјалните мрежи. Кај нас доживеал неколку изданија, а последното е на книготека „Икона“.

– И покрај тоа што книгата е пишувана во 1948 година (инверзијата на последните две бројки од дадената година е алузија на футуристичкиот карактер на книгата), Џорџ Орвел останува темелниот критичар на појавите од неговата современост чии импликации и реперкусии ги согледуваме и денес. Поради тоа, освен што е крик на духот на времето, книгата не престанува да биде актуелна во денешницата – велат од „Икона“.

Во чест на Орвел и книгата „1984“, која на македонски јазик ја издава книготека „Икона“, по понеделникот книгата се продаваше по промотивна цена во сите нивни книжарници.

Популарноста на романот постојано расте и во светот.
– Оваа книга и денес ги шокира учениците, а некои ја сметаат за фасцинантна. Парадоксално е како овој роман, кој денес слави 70 години, уште е свеж – вели Мајкл Каланан, професор по англиски јазик на колеџот „Пармитер во Ватфорд“ и во Лондон.
Напишан е во 1948 година, а неговиот наслов настанал со инверзија на бројките, романот е објавен во 1949 година, на 8 јуни, а ја опишува иднината во која Партијата владее со тоталитарната држава под инквизаторското око на Големиот брат. Историјата во оваа држава е избришана и повторно напишана, а новиот јазик е скован за да го спречи секое критичко мислење.

– Писателот починал во 1958 година на возраст од 46 години, а неговиот роман е неверојатно пророчки. Ритуалот на „две минути омраза“ во кој жителите на измислената држава Океанија ја истресуваат својата омраза и фрустрација на непријателот, на народот денес му е толку препознатлив во омразата што се пролева на социјалните мрежи – вели Џин Ситон, професорка по историја на медиумите на универзитетот „Вестминстер“.

Во седум десетлетија книгата никогаш не изгубила на популарност и редовно бележи подем во продажбата. Во 2017 година советничката на американскиот претседател Доналд Трамп го употреби изразот „алтернативни факти“ позајмувајќи го од романот на Орвел, а последица од тоа беа низа реизданија на ова ремек-дело што е продадено во 30 милиони примероци во САД откако е објавено.

Во Велика Британија најмногу примероци се продадени во 2013 година откако Едвард Сноуден ги објави податоците за американското хакирање на компјутерите низ светот. Друг врв на продажба беше забележан во 2017 година по изборот на Трамп за претседател на САД. Таа година продажбата на „1984“ е зголемена за 165 отсто во однос на претходната, објави издавачката куќа „Пингвин букс“.