Сликарка, авторка, енигма, убиство. Делото на германско-еврејската уметница, убиена во холокаустот, беше долго време засенето од нејзиниот живот и времето. Во февруари 1943 година, осум месеци пред да биде убиена во Аушвиц, германската сликарка Шарлота Саломон го уби својот дедо. Тој, како и многу други Евреи, избегал од Германија во средина на 1930-тите, со купче морфиум, опиум и веронал „за да ги искористи кога ќе се потрошат парите“. Но Саломон не го убила својот дедо за да го „спаси од страдањето“. Убиството било комплетно од лични побуди. Таа го документирала настанот во вистинско време, во писмо долго 35 страници за кое јавноста дури сега дознава.

Саломоновата архива, која ја сочинуваат речиси 1.700 дела, е чувана во Еврејскиот историски музеј во Амстердам, во кој нејзините родители ги донирале во 1971 година. Доколку се поставени едно до друго, сликите би достигнале должина колку три њујоршки блока. Делото на Саломон не се вклопува во канонот на модерната уметност. Тоа се наоѓа на периферијата на други жанрови, како германски експресионизам, автобиографија, мемоар, оперета, театарска претстава, и сега, мистериозно убиство.

Неколку од делата на Саломон прикажуваат една морничава страна. Во нив таа ги обелоденува предаторските особини на нејзиниот дедо и не се воздржува да ја искаже својата омраза кон него.

Оваа година се слави стогодишнината од нејзиното раѓање, па три големи книги од издавачите „Оверлук прес“, „Ташен“ и „Јејл“, се планирани за објава. Ќе се отвори и изложба на нејзините дела во Амстердам, а првпат во историјата ќе биде прикажано нејзиното дело комплетно, со над 800 дела. Филмскиот режисер Бибо Бергерон најави дека ќе сними биографски филм за Саломон, каде што нејзините дела ќе бидат анимирани во 3Д.