Книгата за деца „Јас сум Акико“ од српскиот автор Стефан Тиќми ќе биде промовирана онлајн, денеска, во 19 часот, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс ламина“. Корицата на македонското издание објавено од „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“ ја изработи Ване Костуранов.
„Јас сум Акико“ говори за едно девојче со дамки на кожата што не ги сака границите, а Филмскиот центар на Србија минатата година поддржа проект книгата да се адаптира во сценарио за долгометражен цртан филм. Разговорот со авторот Тиќми ќе го води Оливера Ќорвезироска. Книгата досега има добиено повеќе награди, меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“. Младиот писател Стефан Тиќми од Лесковац е познат и по тоа што во населбата Анчики блиску до неговиот роден град, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги. Наедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик.