Жарко Иванов, директор на „Флипбук филм фестивал“

Лани, и тоа среде пандемија, го имавте огненото крштевање на „Флипбук филм фестивал“. Дали годинава полесно „се дише“ пред почетокот на второто издание?
– Додека го пишував навидум подготвениот одговор на ова прашање, дали полесно од лани „се дише“ годинава и формулацијата за „огненото крштевање“ на првото издание на „Флипбук филм фестивал“, стигна информацијата од Владата дека од 16 август, ден по последната предвидена вечер од нашиот фестивал, поради зголемениот број случаи на ковид-19, ќе се бара потврда за (прва) вакцинација за влез во ресторан, кафе-бар, концертна и киносала, културни настани што се одржуваат на отворено, затворено. На неколку дена пред почетокот на фестивалот, морам да признаам дека и годинава сме еднакво збунети, ако не и повеќе од лани, за начинот на одржување на фестивалот, за објаснувањата што треба да ѝ ги дадеме на македонската публика, но и на странските гости што годинава се дел од фестивалот. Минатата година бевме првиот филмски фестивал по олеснувањето на ковид-мерките и за сите проекции се бараше билет повеќе. Годинава ќе бидеме последниот филмски фестивал, ден пред заострувањето на мерките и посакувам и се надевам дека публиката ќе бара билет повеќе пред да биде затворена во некаква форма на карантин.

Што ќе донесе годинашниот фестивал на европски авторски анимиран филм?
– На повикот пристигнаа повеќе од илјада кратки анимирани филмови од цела Европа, а беа селектирани вкупно 90 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Освен филмските проекции, за време на фестивалот ќе биде претставена изложбата на полскиот визуелен уметник Шимон Стемплевски со наслов „Лајфлајн“, промоција на книга проследена со изложба на македонскиот автор Владимир Лукаш, со наслов „Микромонографија – за отпадниците од светот на анимираниот филм“ и изложба на флип-бук тетратки направени од ученици од средното уметничко училиште во Скопје, кои се натпреваруваат за три факултетски стипендии на Катедрата за анимиран филм на универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“. За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Александра Лавска од Полска, програмска директорка на фестивалот „Шорт вејвс“, Славе Лукаров од Хрватска, директор на фестивалот „Супертун“, и Михаил Наумов, македонски автор и лански добитник на специјалната награда од жирито за филмот „Карантин“. За анимираните документарци и студентската селекција ќе одлучуваат Мартина Мештровиќ од Хрватска, ланска добитничка на специјалната награда од жирито за „Мачката е секогаш женско“, Ката Гугиќ од Хрватска, минатогодишната добитничка на главната студентска награда за „Кокпера“, и македонскиот филмски критичар Златко Гелески.

Деветнаесет наслови во главна конкуренција. Тешко ли беше да се издвојат, имаше ли квалитетна продукција?
– Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат најдобрите европски остварувања од минатата година што имаат учествувано и освоено награди на најголемите светски филмски фестивали: „Анеси“, „Анимафест“, „Отава“, „Клермон-Феран“. Меѓу другите, ќе бидат прикажани „Скапоцена“ на Пол Мас, „Сплав“ на Марко Мештровиќ, „Бескрајно“ на Симоне Маси и македонските анимирани филмови „Живот во меур“ на Никола Дрвошанов и на Натали Мекмехон, и „Збрчкано“ на Горан Димов.

Анимираните документарци лани предизвикаа голем интерес. Што имаме годинава и малку повеќе за овој жанр, анимиран а документарен, како оди тоа заедно?
– Се работи за специфичен однос што ја врзува анимацијата за аудиовизуелниот продукт во кој се користи, во овој случај со документарниот филм и можеме да зборуваме за анимиран документарец само доколку анимацијата е составен дел од нефикционалниот текст во кој се употребува, или кога исполнува примарна функција, а не само пополнување празнини. Повеќето филмски теоретичари го дефинираат анимираниот документарец како нефикционален филм што користи анимација како средство за визуелна претстава, но во кој анимацијата мора да биде интегрирана до тој степен до кој значењето на филмот би станало некохерентно доколку самата анимација би била отстранета. Анимираниот документарец е релативно нов феномен во светската кинематографија и недоволно прикажуван на македонската публика. Минатата година имавме одлични реакции од гледачите и годинава продолжуваме со исто толку добра програма. Меѓу другите наслови, ќе бидат прикажани наградуваните германски филмови „Револикус“ на Виктор Ороско Рамирез и „Обичен човек“ на Шоко Хара, австрискиот „Утопија-Ц“ на Раинхолд Биднер, наградуваниот хрватски анимиран документарец „Сите тие чувства во мојот стомак“ на Марко Дјешка…

Во студентската селекција има 20, како што најавувате, одлични, одважни, одлепени анимирани филмови. Дали има надеж во новите генерации аниматори?
– И оваа година во студентската категорија ќе бидат прикажани филмови што авторите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и неоптоварени од буџети, продукции и рокови, можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам. Ќе бидат прикажани филмови на студенти од соседството, од српската школа, „Врска“ на Милјана Тешовиќ, филмот на албанскиот автор Енеос Чарка – „Каде си сега?“, хрватската режисерка Сунчана Бркуљ со наградуваниот филм „Кула“ и понатаму, филмови од британската, полската, германската школа.

Може ли да се издвои нешто како тренд, тек, траекторија… во современиот анимиран филм, во техничка, уметничка, тематска смисла?
– Анимираниот филм, а посебно неговата кратка форма, е неповторливо искуство, секогаш иновативен, свеж, магичен. Долгометражниот филм најчесто има класична наративна структура во три чина, со почеток, средина и крај, која кај кратката форма функционира различно. Тука дејството не се развива преку долги, линеарни ситуации, туку преку една одбрана ситуација или настан, преку кои успева да раскаже цел еден живот во неколку страници или неколку минути. На овој начин кратката форма се доближува до лирската поезија, која преку стих успева да искаже субјективни чувства и расположби на концизен и збиен начин. Она што за литературата е лирската поезија, за филмот воопшто е анимацијата. А ако во играниот филм гледаме наместени сцени во реално време, како живо дејство, во анимацијата секој кадар е измислен, ликовите и сцените се дизајнирани со рака, а аниматорот физички се соочува со секој кадар и му дава графичка содржина, рачно контролирајќи го односот помеѓу секоја следна слика за да добие целосно движење. Поради ова и поради сите можности што ги нуди преку аниматорските техники: цртеж, колаж, кукла, пластелин, анимираниот филм постојано цели кон иновативност во техничкиот и наративниот пристап, кон преоткривање на сопствениот медиум, и на крајот, преиспитување на сопственото постоење.