Георги Господинов важи за вистинската книжевна ѕвезда на балканските простори

Еден од најчитаните романи кај нас, но и во поширокиот книжевен простор, „Физика на тагата“ на бугарскиот писател Георги Господинов, добива своја театарска драматизација. Премиерата на истоимената претстава е закажана за 6 јули (петок) во 20 часот во Кумановскиот театар. Драматизацијата е на Ивана Нелковска, а режијата на Милош Б. Андоновски. Костимите се на Марта Дуфне, а сценографијата и плакатот ги изработи Наташа Вчкова.
Во претставата играат: Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимовска, Симона Димковска…
Кај нас, во 2015 година, романот на Господинов го објави издавачката куќа „Или-или“ и во описот на книгата напиша: „Тагата, како и сите други чувства и емоции, се активира преку сочувствувањето. Емпатијата е стар закон на природата. Таа е закон на човештвото што одамна не се почитува“.
Излегувањето на книгата и гостувањето на авторот беше дел од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ („Темплум“), како и збирката песни „Балади и распади“ („Блесок“), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во „Њујоркер“, „Њујорк тајмс“, „Вилиџ војс“ и др. По негов расказ е снимен анимираниот филм „Слепата Вајша“, кој лани беше номиниран за „оскар“.

Неговиот последен роман, „Физика на тагата“ беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: „Премио Стрега Еуропео“, „Бруке Берлин прајз“, „Хаус дер Културен дер Велт“…
– Оваа книга е лудост! Таа е неверојатна и нервозна, сентиментална, одразувачка, страшно смешна, потресна, колку филозофска, толку и поетична, микроскопска и грандиозна. Накратко: чудесна! – напишува „Берлинер џајтунг“.
Осврт за книгата имаше и „Ноје Цурихер цајтунг“.
– Не велат ли за Габриел Гарсија Маркес дека со „Сто години самотија“ прв ја стави Латинска Америка на картата на светската литература? Исто како него, така и Господинов не само што завршува со реализмот, туку на дневен ред поставува и еден експериментално игрив, апсурдно остроумен, постмодернистичко противречен, саморефлексивно ироничен стил на раскажување. Со оваа книга Господинов се издигнува над низините на комерцијалноста и конвенционалноста на романот, спасувајќи се не само себеси, туку и литературата, а со неа и целиот свет – пишува весникот.
Господинов е добитник на наградата на фестивалот „Про-За Балкан“ на издавачката куќа „Икона“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.
– Георги Господинов е најпреведуван современ бугарски прозаист со голем број афирмативни критики од познати европски и американски проследувачи на литературата, за своите три прозни дела: „Природен роман“, „И други приказни“ и „Физика на тагата“. Уште од своите студентски денови со својот особен раскажувачки глас, автентичен стил на раскажување и необично откачена духовитост, се наметна како исклучително име на новата бугарска литература. Освен големиот број книжевни признанија, тој многу брзо добива и голем број приврзани читатели во Европа и во САД, а меѓу нив и голем број почитувачи во Македонија – вели нашиот писател Александар Прокопиев.