Под насловот „Омаж за едно раѓање и едно умирање“ во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, вчера, беа одбележани 90 години од раѓањето на Томе Арсовски и 15 години од смртта на Димитар Солев. Пред присутните се обрати в.д. директорката на библиотеката, Сенка Наумовска.

За македонскиот раскажувач, романописец, есеист и книжевен критичар Димитар Солев, кој бил и директор на истата библиотека од 1978 до 1987 година, говореше неговиот поранешен колега, поетот Ренџов, а на делата на Солев се осврна и романсиерот и раскажувач Александар Прокопиев. Своите сеќавања за поетот, раскажувач, романописец, драмски автор, детски писател и преведувач Томе Арсовски со присутните ги сподели, романсиерот и раскажувач Благоја Иванов. За богато творештво на Арсовски, пак, зборуваше прозаистот Васе Манчев.

Извадоци од делата на Солев и Арсовски читаа актерите Лиле Вељанова и Емил Рубен.