Биеналето, како што истакнаа организаторите, го посетиле многу филмски и личности од шоу-бизнисот како што се: Бред Пит, Џули Ендрус, Атом Егојан, Тим Робинс, Лукреција Мартел, Емир Кустурица, Лори Андерсон…, а имало и 5.200 акредитирани новинари, кои ја посетиле изложбата главно во време пред отворањето

Биеналето на уметноста во Венеција, чија завршница деновиве ја обележаа поплавите, привлече речиси 600.000 посетители на 58-то издание, кое уметничкиот директор Ралф Ругоф го осмисли на темата „Да живеете во интересни времиња“, а претстави 79 уметници на централната изложба во 90 национални павилјони.
Од вкупно 593.616 посетители на 58-то биенале, дури 24.762 се забележени во текот на тридневниот вернисаж за медиуми, кустоси и други претставници на стручната јавност, а според организаторот, особено е забележлив големиот број млади посетители – помлади од 26 години имало 31 отсто. Групните посети притоа прават 17 отсто од вкупниот број, кој е и очекуван.

Претседателот на Биеналето во Венеција, Паоло Барата, истакна дека 58-то издание на оваа најстара манифестација на современа уметност ги поканило сите секогаш да гледаат на настаните во нивната комплексност. Тоа охрабрување, според Барата, особено е важно во време во кое премногу често доминира преголемо поедноставување на работите, кое доаѓа од конформизмот и стравот. Истакнувајќи дека целта на биеналето била да се унапреди односот на посетителите и уметничките дела, и да се продлабочат нивното знаење и свест, Барата истакна дека биеналето останало посветено на промовирањето на слободното, отворено и самосвесно општество.

Последните недели, во текот на кои Венеција се соочи со страшна поплава, организаторите имаа уште поголемо чувство на одговорност спрема градот, кој го нуди своето гостопримство на голем број уметници и нивните дела, истакна Барата.
Тој ја најави и книгата, која ги покрива сите изданија на Биеналето на уметноста од 1895 година до денес, слично на неодамна објавената историја на Филмскиот фестивал во Венеција.
Покрај централната изложба со дела на 79 поканети уметници, како и 90 национални павилјони, од кои 30 беа во Џардини, 25 во Арсенале, а 35 низ Венеција, 58-то биенале имаше и околу 20 дополнителни програми, како и неколку специјални проекти, како што е Павилјонот на применети уметности, реализиран во соработка со музејот „Викторија и Алберт“ од Лондон. Меѓу националните учесници четири беа тука прв-пат: Гана, Мадагаскар, Малезија и Пакистан.

Во рамките на настанот, по десетти пат беше одржана и програма посветена на универзитетите и академиите за уметност, истражувачките и другите образовни институции во областа на визуелните уметности, а во нејзините рамки беа организирани групни посети на студенти и наставници од 69 универзитети, од кои имаше рекордни 50 од странство. Вкупно повеќе од 4.500 студенти беа вклучени во оваа програма, а најмногу ги имаше од универзитетите во Германија, Велика Британија и САД.
Меѓу посетителите имаше и најмлада публика – деца од 64 градинки и 117 основни училишта, истакнаа организатори, наведувајќи дека меѓу групните организирани посети на средношколци најмногу ги имало од Германија, Австрија и Швајцарија, но и од далечниот Нов Зеланд.

Биеналето, како што истакнаа организаторите, го посетиле и многу филмски и личности од шоу-бизнисот како што се: Бред Пит, Џули Ендрус, Атом Егојан, Тим Робинс, Лукреција Мартел, Емир Кустурица, Лори Андерсон…, а имало и 5.200 акредитирани новинари, кои ја посетиле изложбата главно во време пред отворањето.
Организаторите на 58-то Биенале на уметноста посебно се пофалија со одекот на социјалните мрежи, како и посетата на сајтот, која надминала два милиони единствени посетители, што е зголемување од 32 отсто во однос на 2017 година. Фејсбук-страницата на биеналето во изминатите шест месеци добила 32.012 нови обожаватели, достигнувајќи вкупно 377.110. Профилот на биеналето на Твитер добил околу 6.000 нови следбеници, па сега ги има 707.166. Презентацијата на биеналето на Инстаграм доби околу 105.000 нови следбеници, па сега ги има вкупно 470.835.

„Златниот лав“ на централната изложба „Да живеете во интересни времиња“ ја доби американскиот уметник Артур Џаф за филмот за расните прашања, додека за најдобар павилјон во конкуренција од 90 учесници, прогласен е литванскиот со вештачката плажа и оперски перформанс за различни проблеми на денешницата, а посебно за опасности од еколошка катастрофа и климатски промени.

Во рамките на 58-то издание на една од најзначајните меѓународни манифестации за визуелни уметности, Биеналето во Венеција, беше поставен и македонскиот павилјон со проектот „Субверзија во црвено на уметницата“ Нада Прља во Палацо Рота Иванчиќ со перформативното уметничко дело „Црвена дискусија“. Како одговор на темата „Да живеете во интересно време“, избрана од кураторот на годинашното биенале Ралф Ругоф, проектот на Нада Прља „Субверзија во црвено“ поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид мотивација за современото општество. Проектот користи различни уметнички и неуметнички методологии, вклучувајќи ја „Црвената дискусија 2“, експериментален настан во живо со неколку современи мислители и куратори ангажирани во трансформативни практики како што се Чарлс Еше, Маурицио Лазарато, Влад Морариу (модератор), Шантал Муф, Лаура Раикович, Артан Садику, кои заеднички се обидоа да најдат излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање алтернативни услови за „интересното време“ во кое живееме.

Изложбата ја вклучи и инсталацијата „Суптилна субверзија“, инсталација што редефинира серија историски значајни уметнички дела од 1960-тите од колекцијата на МСУ Скопје, колекција заснована на концептот на солидарност, како еден од клучните постулати на левичарската мисла и клучна аспирација на овој проект.