Изложба под наслов „Од кујната на Масин“, на која ќе бидат презентирани слики и скулптури од познатиот ликовен уметник Миро Масин, ќе биде отворена вечерва од 18 до 22 часот, во галеријата „Акантус“.

– Како и многу други сликари, Миро дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати… секакви. Еве, освен „нормални“ слики од циклусот „Enchante“, на изложбава има 15 музички инструменти што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Од сите страни. Неколку гитари, две мандолини, балалајка, контрабас… има и пијано, ама не знам дали ќе успее да го довлечка до галеријата, многу е габаритно, пустото. Овие свират, не се само убави. Има и труба и виолина, ама тие се скулптури-светилки, и на нив не може да се музицира – вели по повод ова преставување, писателот Тихомир Јанчоски, кој, во свој стил, меѓу другото во најавата ќе укаже и дека „сликарството на Масин на оваа изложба е во огромен дел апстрактно, и како такво, не е многу податно за прецизни толкувања“.