Личеноски Лазар, Акт, 1928

„Соблечени, женскиот акт како контекст“ е насловот на новата изложба на Националната галерија на Македонија, која од денеска, во објектот „Чифте-амам“, ќе може да се погледне индивидуално, а нејзиното одложено, свечено отворање ќе се одржи на 10 март, во 19 часот.

Одложувањето е во согласност со актуелните препораки од Министерството за култура и Владата како соодветна превенција за запирање на ширењето на коронавирусот. Станува збор за изложба на дела од колекцијата на Националната галерија, со која оваа институција се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Галеријата веќе трета година се придружува кон ова одбележување со уметнички концепт каде што се величи жената како автор или како неисцрпен мотив.
– Изложбата ќе вклучи женски актови изработени од автори од поранешниот југословенски простор – од колекцијата од некогашните југословенски републики, како и дела од македонската колекција. Ќе бидат претставени актови или полуактови од авторите: Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и македонските Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков итн., до дела со концептуален дискурс од помлади автори, како Ирена Паскали и Атанас Ботев – вели директорката на галеријата, Дита Старова Ќерими.

Таа укажува дека годинава со изборот од колекцијата ќе бидат понудени видливост и афирмација, како на делата така и на авторите до пошироката публика. Целта на изложбата „Соблечени, женскиот акт како контекст“ е да се стави акцент на жената и на женската убавина, но не само од естетски аспект, туку одново да се преиспитаат нејзината позиција во современото општество, нејзината злоупотреба во капиталистичкиот консумеризам, нејзината слобода на движење и однесување, како и на изборот да биде тоа што е, било домаќинка, мајка, кариеристка, феминистка, заводничка, придружничка, припадничка на ЛГБТ-заедницата итн.

– Да ја испитаме одново свесноста за слободата на изразот, за предрасудите што ги имаме или сме ги наследиле, за табуизирањето на одредени нешта и за подготвеноста да ги приближиме значенските јадра на одредена тема до публиката, дури и до најмладата. Изложбата не теоретизира, не кластира, не сондира, туку едноставно ги прави достапни овие дела за тие сами да го едуцираат, острат и софистицираат вкусот на реципиентот – укажуваат од галеријата.