Авторскиот тим на „Хасанагиница“ го сочинуваат и македонскиот сценограф и костимограф Сергеј Светозарев и композиторот Димитар Андоновски

Претставата „Хасанагиница“ од Љубомир Симовиќ, во режија на Андреј Цветановски, беше премиерно одиграна во Народниот театар во Пирот, Србија, на 13 март, а деновиве ја имаше и својата прва репризна изведба.
По премиерата, поздравена со аплаузи, младиот македонски режисер, како што пренесе порталот „Плус онлајн“, изјавил дека „пиротскиот ансамбл е можеби мал по бројност, но голем по срце и има голем потенцијал“.

– Ми беше убаво тука, имаше убав креативен процес на создавање и се надевам дека повторно ќе се сретнеме да работиме заедно. Се надевам дека претставата долго ќе се игра, затоа што публиката убаво реагираше на премиерата. Кога сите ќе влеземе во една приказна, со една цел, не може да биде лошо, бидејќи заедно ја создаваме претставата. Овој ансамбл има голем потенцијал и овие луѓе можат сѐ, така што се надевам дека ова не е нивниот максимум, па затоа ќе мора повторно да се сретнеме и да провериме – изјави Цветановски.

Авторскиот тим на „Хасанагиница“ го сочинуваат и македонскиот сценограф и костимограф Сергеј Светозарев и композиторот Димитар Андоновски. Улогите ги играат актерите: Милан Наков, Александар Радуловиќ, Данијела Ивановиќ, Сашка Стојановиќ, Зоран Живковиќ-Жуча, Наталија Гелебан и Александар Алексиќ.