Претставата „Вистинскиот запад“, по текст на Сем Шепард, а во режија на Борис Василески, премиерно ја имаше својата премиера во МКЦ (Младинскиот културен центар). Следните датуми за изведба се во октомври.
Ликовите ги толкуваа младите Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев, како и добро познатата Тања Кочовска. Сценографијата и светлото се на Мартин Манев, костимографијата на Симона Даноска, музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а постерот на Ана Јачева. Извршен продуцент е Ава Хусеини.
Драмата „Вистинскиот запад“ е номинирана за Пулицерова награда во 1983 година и како дел од овој проект за првпат на македонски јазик е преведена од Марио Стојаноски.
– Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? „Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил досега?“ не исчезнува – пишува во описот на претставата.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија.