Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај големото внимание и посетеноста на изложбата на отворањето и во деновите потоа, уметниците што учествуваат на „Одбиенале 2021“ велат дека „како и секогаш, не дојдоа токму оние што се директно инволвирани во спроведувањето на културната политика на државата“

Воскресија Андреевска, Ива Станковска, Дејвид Стоилковски и Гаја Смилевска се само некои од 15-те македонски уметници што одлучија со изложбата „Одбиенале 2021“, отворена во „Јавна соба“, да ѝ ги покажат на јавноста своите дела, кои беа одбиени за учество на 13. Биенале на млади уметници, кое годинава се одвива на тема „Страст за лутање“ во Музејот на современата уметност. Тие, како и еден од кураторите на Биеналето, Артан Садику, ги споделија своите размислувања за оваа изложба, која е несекојдневен гест за наши пригоди, но која, очекувано, привлече и заслужено внимание.
– Многу ми е драго што направивме една ваква бунтовна изложба и сметам дека треба почесто да се случуваат иницијативи од овој тип. Ме радува фактот што таа доби неочекувано голема медиумска покриеност и посетеност на самото отворање, како и многу позитивни реакции на социјалните мрежи – вели уметницата Воскресија Андреевска, која е авторка и на дизајнот на постерот за изложбата.
Уметницата Ива Станковска, говорејќи за големото внимание и посетеноста на изложбата на отворањето и во деновите потоа, изрази жалење дека „како и секогаш, не дојдоа токму оние што се директно инволвирани во спроведувањето на културната политика на државата“.
– Сметам дека привлековме внимание, бидејќи ретко се случува некоја ваква изложба, односно некоја наша револт-реакција да биде претставена, а сметам дека сите уметници се исти, нема подобар и полош – забележа Дејвид Стоилковски.
За Гаја Смилевска, меѓу другото, било интересно и што многу луѓе (од кои неколкумина од постарите генерации, а некои што воопшто не се во контакт со уметничката сцена во Скопје) веднаш помислиле дека уметниците од „Одбиенале“ се исто така организирани од Музејот на современата уметност како т.н. фринч-изложба.
– Ми беше чудно, како да требаше да потенцираме дека ова е независно организирана изложба, дека ние си создаваме свој простор во кој други се немаат вмешано – вели Смилевска.

Во најавата за оваа изложба меѓу другото стоеше и дека со неа уметниците сакаат да ја потенцираат потребата од алтернативни‚ неофицијални изложби, за да се спречи висококонзервативните академски тела да доминираат и во естетиката и во јавниот вкус во уметноста. Запрашани колку како автори лично го чувствуваат таквиот проблем и на кои нивоа, четворицата уметници дадоа различни одговори.
– Сметам дека постојано наидуваме на истиот проблем кај нас и генерално во светот на уметноста во целиот свет. Сѐ почесто, доколку делото е монументално или концептуално, ѝ се дава поголема тежина на самата идеја за истото тоа отколку на готовиот производ. Традиционалните техники или делата што не зависат од листови хартија за да ја потенцираат идејата на уметникот, како да се забораваат, се избегнуваат или исчезнуваат. Авторот често е принуден да смислува концепт зад своето дело откако го завршил, за да биде прифатено и изложено, бидејќи вредноста му се намалува ако не приложи „есеј“ за неговите размислувања. Порано биле чести контраизложбите со кои авторите го изразувале својот бунт кон јавните институции и политиките на изложување, но денес ретко читам или слушам за нешто од овој тип, не само кај нас туку и воопшто во светот, за жал. Со секоја акција има и реакција, овие изложби мора да се случуваат, мора да им се даде глас на младите, неафирмираните, неадекватните, авторите што постојано аплицираат желни за творење, но одбиени по стотици пати – нагласи Андреевска.
Ива Станковска, пак, потенцира дека уметноста кај нас, како и во другите посиромашни земји, е на маргините.
– Кога и официјалните установи земаат малку средства за реализирање на своите цели, што останува тогаш за неофицијалните. Многу е тешко без финансиска помош да се одржи здрава алтернативна сцена – вели таа.
И Дејвид Стоилковски го чувствува споменатиот проблем лично, но нагласи и дека е многу против одредени автори што можеби се форсираат, затоа што сите започнале од ист стадиум.

– Мислам дека голем број млади независни уметници (како и јас) често чувствуваат како да има „правилен начин“ да се занимаваш со уметност и доколку не успеат да се пробијат во главните зони на модерната уметност, дека понатаму нема причина да пробуваат. Се надевам дека ваквите изложби и подвизи ќе докажат дека нема единствен правилен тек во уметноста. Прво доаѓа создавањето на нешто што е автентично во очите на уметникот, а потоа ќе се најде местото што ќе се сочувствува со содржината на делото – вели Гаја Смилевска.
Четворицата уметници сметаат и дека би било добро изложбата да ја види и публиката во другите градови во Македонија. Кураторот Артан Садику не беше изненаден од отварањето на „Одбиенале 2021“. За него оваа изложба е многу добар начин за младите автори чии дела не успеаја да се вклопат во концепцијата на годинешното Биенале на млади уметници, да бидат покажани пред публиката.

– Јас сум среќен што Биеналето на млади уметници предизвика и уште една друга изложба во градот, а особено сум среќен што младите уметници кај нас покажуваат свест и подготвеност за самостојно организирање. Првично, Биеналето беше организирано околу клучната идеја „Страст за лутање“, која е подетално објаснета во кураторскиот текст. Нормално дека ова е широко поле, но изборот на делата исто така беше направен во однос на просторот и комбинацијата со другите дела. Затоа, процесот на селекција не беше и толку индивидуален, туку подолг период на поставување и преместување различни дела, за на крајот да стигнеме до одредена поставка, која функционира внатрешно и хомогено комуницира со публиката. Оттука е јасно дека процената не беше естетска туку функционална. Веќе изјавив дека делата што не успеаја да се вклопат во концепцијата имаат доста важна естетска вредност и затоа треба да се видат – вели Садику.