По повод 74-от роденден на Македонскиот народен театар, денеска се одржа отворање на изложба насловена „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“ на кои беа прикажани фотографии, текстови, скици и плакати за претстави од македонски автори од различни генерации.

На денешен ден пред 74 години, МНТ премиерно поставува претстава на македонски јазик, „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, а четири и пол месеци подоцна, премиерно била поставена првата претстава од македонски автор: „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски. Оттогаш на сцената на МНТ меѓу 400 поставени или обновени, имало повеќе од 100 претстави на дела од македонски автори.

Ивана Јарчевска, авторка на изложбата, на самото отворање на „Од текст до претстава“
истакна дека изложбата е приказ на богатото домашно драмско творештво и неговото место во обемната сценска продукција.

Автори на најголем дел од фотографиите од претстави прикажани на изложбата се Томо
Лазовски, Драган Гајиќ и Кире Галевски. Сценографските скици се на Томо Владимирски и Бранко Костовски, а костимографските на Ана Петрова, Мира Глишиќ, Рада Петрова-Малкиќ, Јелена Патрногиќ, Елена Дончева, Ѓорѓи Здравев и Лира Грабул.

Актерката Снежана Коневска-Руси, која годинава одбележува 45 години кариера, меѓу
македонските претстави во кои учествувала ја издвои „Студенти“ од Бранко Пендовски со која настапувале насекаде во поранешна Југославија и добиле најдобри критики. Ги спомна и „Антица“ од Ристо Крле и „Мелница“ од Митко Маџунков – автор во чии текстови често настапувала и на сцената на Струмичкиот театар.

– Добро е што се прашува за театарот и актерите наспроти сè друго што се случува околу нас. Се говореше дека театарот не е тој што може да го смени светот, но може барем за момент да ни ја промени свеста, начинот на живот и начинот на однесување     – додаде Коневска-Руси, посакувајќи МНТ своите родендени да ги одбележува и со специјално подготвена премиера за овој повод, како што било во минатото.

Меѓу експонатите на изложбата е и плакат од претставата „Надвор од умот“ по текст на
актерите Јордан Симонов и Александар Микиќ и режисерот Васил Христов од пред 30-ина години.

– Треба да има автори од странство, но и да ја негуваме нашата драматургија, иако за тоа има и други фактори што влијаат – треба добри драматурзи, па некој тоа да го прочита и да се заинтересира да го постави во простор. Но мислам и дека успеваме, а показател е тоа што наши драми се поставуваат надвор – изјави актерот Симонов, кој играл во претстави на голем број македонски автори, како: Дуковски, Чашуле, Чинго, Горан Стефановски.

Директорката на Македонскиот народен театар Симона Угриновска изјави дека во
програмата за 2019 година планирани се седум премиери. Во подготовка се две претстави чии премиери се очекуваат во мај: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ и „Тик так“ на режисерот Синиша Ефтимов на малата сцена, а до крајот на сезоната се очекува и премиера на претстава што ќе ја работи бугарскиот режисер Јавор Грдев, според „Хенгмен“ – текст од 2015 година на актуелниот британски автор Мартин Мекдона.