„Музиката е дел од мојот живот, дел од сѐ. Секој ден е ден на ново откритие и јас не гледам начин да преживеам без музика“ – Ида Хендл.

Ида Хендл првпат ја допрела виолината на 3-годишна возраст и тој допир бил магичен. За навек го поставил патот по кој таа оди до ден-денешен. Во 1935 година победила на првиот меѓународен натпревар „Хенри Виењавски“ и ја освоила наклоноста од најдобрите виолински педагози од тоа време – Карл Флеш и Жорж Енеску. Имала само 7 години, а веќе била голема виолинистка. Никогаш не одела во училиште, музиката била нејзина единствена опсесија. Поминале години пред нејзините професори да сфатат дека таа не знае да чита – ниту букви, ниту пак ноти. Нејзиниот природен, исконски талент ја водел кон врвот. Таа е од оние ретки деца гении, кои процветале во врвни возрасни уметници.

На своето музичко патување Ида Хендл се среќавала и соработувала со врвни музичари – им била миленичка на многу диригенти и композитори. Била ценета како учител и свирач со богато искуство и врвно музичко доживување. Јан Сибелиус, по нејзината извонредна изведба на неговиот виолински концерт (ја чул на радио и останал вчудовиден), ѝ пратил писмо во кое напишал: „Ви честитам за огромниот успех, но пред сѐ си честитам себеси што мојот концерт најде изведувач од толку редок и висок стандард“. Со својата верна животна придружничка, „Заспаната убавица“ – прекрасната виолина на „Страдивариус“ изработена во 1726 година, го обиколила светот и ги покорила сите концертни подиуми.
Ида Хендл денес признава дека животот на солист е осаменички. Никогаш не се омажила, никогаш немала деца. Нејзиното единствено чедо била музиката, нејзино семејство – публиката. До доцните осумдесетти настапувала и пленела со својата физичка и музичка раскошна убавина.
Најголемата виолинистка на својата генерација на 15 декември наполни 90 години.

Лада Шоптрајанова Петровска