Младите дипломирани актери од Факултетот за драмски уметности со претставата „Ревизор“ синоќа во Штип имаа вистинско „огнено крштевање“. За време на претставата снема струја, што во тој момент се испостави дека снемало струја во целиот град.

Но, публиката, задоволна од играта на младите актери на сцената, не дозволи забавата да се расипе. Сите како по команда ги кренаа мобилните телефони и ги активираа блицевите со цел да можат младите актери да ја доиграат претставата. Тоа беше прекрасен чин што ги воодушевби и актерите, како и публиката. Аплаузите за нивната изведба траеа до доцна во ноќта.

Во рамки на проектот „Нов културен бран“ претставата „Ревизор“ од Гогољ беше одиграна на сцената на повеќе македонски театри. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а претставата је играат актерите кои неодамна дипломираа на ФДУ во класата на Мими Таневска Србиновска.

Инаку ова е претставата со која дипломците на ФДУ настапија во Хрватска, на фестивалот „Диониз“ на кој учествуваа драмски и кукларски академии од цела Европа, а токму нашите претставници го совоија Гран при. Досега претставата ја имаат играно и на сцената на Драмски театар и на театар „Комедија“ во Скопје и во Прилеп, во оф-програмата на театарските игри „Војдан Чернодрински“.

Првата средба со публиката беше на 7 ноември во Битола, а ден подоцна и во Скопје. На 12 ноември се одигра претставата во Куманово, а синоќа, 15 ноември, го посетија Штип.